За да ги исплати пензиите на сите 307.162 пензионери годинава од 791,3 милиони евра, државниот пензиски фонд мора да добие од Владата 423,5 милиони евра, што е повеќе од половина од парите потребни за целосна исплата на пензиите. Овие проекции од Предлог буџетот за годинава на Министерството за финансии покажуваат дека финансиската кондиција на Државниот фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) се влошува, иако се уште не се познати во јавноста податоците за неговото работење минатата година. Ако во 2010 година, Владата со пари од државната каса надоместувала 33,5% од вкупните трошоци на Фондот, годинава таа зависност достигнува до 43,1% што покажува дека врската меѓу државниот пензиски фонд и државниот буџет станува се поцврста и нераскинлива.
Оттука, јасно е и зошто Фондот доцни да им исплати околу 7 милиони евра придонеси наменети за приватните пензиски фондови, како што тврди Министерството за труд и социјална политика, што е нов сигнал во јавноста дека државниот пензиски фонд е шворц ако не добива редовно трансфери од централниот буџет. Експертите коментираат дека финансиската состојба на државниот пензиски фонд се влошува затоа што трошоците за пензии се зголемуваат (меѓу другото власта вети зголемување на пензиите за 5% секоја година) повеќе отколку што растат приходите од пензиските придонеси.
„Загрижувачки е што исплатата на пензиите станува толку зависна од трансферите од државниот буџет, а до тоа доведоа неколку популистички мерки на Владата како на пример постојаното вонредно зголемување на пензиите, особено пред изборните циклуси и намалувањето на стапката на придонеси. Потоа се увиде дека е тоа погубно за државниот пензиски фонд па затоа и Владата ја стопираше мерката секоја година во континуитет да го намалува придонесот за пензиско осигурување. Креаторите на политиките мора да размислуваат како да ги зголемат приходите во пензискиот фонд. Бидејќи растот на вработеноста, а со тоа и на бројот на осигуреници е проблематично во вакви економски услови, решението мора да се бара во неколку алтернативи што ги применуваат повеќе земји во светот“, вели поранешната директорка на Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување (МАПАС), Зорица Апостолска.
Повеќе на Капитал


