Холандскиот инвеститор Теодорус Ван Кампен кој со премиерот Никола Груевски пред две години удрија темели за изградба на фабрика за печурки во Свети Николе, во матичната земја бил обвинет за затајување данок, а властите му одзеле дел од неговиот имот, во време кога тој ја договарал инвестицијата во Македонија, пишува Призма.
На само шест километри од Свети Николе, во Овчеполието, во запустена и изолирана локација зјае огромна метална конструкција. Оградена е и под катанец речиси две години, откако на 2 февруари 2014 година свечено беше поставен камен-темелник на фабрика за производство на печурки. Местото се чини идеално за производство на здрава храна. На околу петстотини метри поминува регионалниот пат Велес – Штип. Во непосредна близина има и железничка пруга.
Овој дел од Овче Поле нуди многу можности, но како да нема к’смет да привлече сериозен инвеститор. Напротив, како што сведочат мештаните, се редат празни зборови и лажни проекти – ветениот економскиот бум исчезнува како меур од сапуница во истиот миг со претставувањето на инвеститорот. Светиниколчани сѐ уште со горчина зборуваат за големата измама со индискиот бизнисмен Субрата Рој, а по него се појави нов, промовиран од тогашниот премиер Никола Груевски и од Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе.
Холанѓанецот Теодорус ван Кампен, разбуди нова надеж кај жителите на Свети Николе, ветувајќи инвестиција тешка 25 милиони евра во модерна фабрика за производство на печурки, а Груевски најави дури 450 работни места. Со оглед на големината на странската инвестиција, општината Свети Николе, како што потврдил градоначалникот Тасев, донела одлука инвеститорот комплетно да го ослободи од комуналните давачки.
Инвеститорот обвинет за шеф на „организирана криминална група“
Во Свети Николе каде што 450 луѓе чекаат вработување, никој од надлежните нема информација зошто е стопирана изградбата на фабриката за печурки. Ниту пак, се знае дали холандскиот инвеститор, евентуално се премислил. Јасен одговор од Призма не добиле ниту од државата, ниту од локалната самоуправа, ниту од инвеститорот со кого посредно се обиделе да контактираат.
Но, според пишувања на холандски новинари, проблемот можеби лежи во тоа што Теодорус Ван Кампен се соочува(л) со тешки обвиненија во сопствената земја. Бил гонет за даночна измама во вредност од околу 10 милиони евра. Државата му запленила фабрика, зграда и приватен авион. Холандските даночници, како што пишуваат медиумите, успеале да повратат околу еден милион евра.
„Тео К. (63 години) е првоосомничен во мега-истражување на обвинителството поради даночна измама од најмалку 10 милиони евра. Неговиот имот се одзема“, се вели во информациите што ги пренел холандскиот интернет портал „Follow the money“.

Според написите, Тео ван Кампен бил еден од главните во организирана криминална група за производство на печурки во Холандија. Според истражните органи, организираната група предводена од Кампен, наместо во Холандија, печурките што се нуделе на домашниот пазар ги произведувала во Полска, а за таа намена била ангажирана евтина работна сила – работници на црно од Бугарија.
Во истражувањето, Призма дојде до податок и дека Ван Кампен имал фирма и во Полска и во Велика Британија, која ја отворил во 2008 година, а ја затворил во 2009 година. Освен за затајување данок, холандските истражни органи го товареле Кампен и за злоупотреби со студентски стипендии.
Повеќе од текстот на Призма на следниот линк.


