Кабранов: Ја испосравте професијата од алчност и немање образ

И така обидот на Протогер преку неговата десна рака, пропагандистот Горан Петрески, платен текст да протуркаат како Американска подршка за нивниот Груевски, не траеше ни 24 часа.

Драги мои подлизурковци од Вест и сите други од пропагандата на режимот, ова е 21 век, има интернет, фала богу, отворени комуникации и лесно е да се открие дека на лагата нозете и се кратки. Мене не ме чуди ни тој Кац оти на човекот баш му е гајле, лапа наши пари и ќе напише или потпише што и да му биде дадено, оти нели него го интересираат парите, тој живее во Америка, не овде во режимот на фамилијата на власт. Не ме чуди ни Протогер ниту тие од центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ.

Луѓето се исплашени им висат обвиненија за големи злоупотреби за кои, разбирасе, во правни држави следуваат долгогодишна робија. Зборот ми е за послушниците, подлизурковците меѓу нас, кои се 24/7 на изволте на фамилијата да го манипулираат народот. Им давале пари?

Е колку се бе тие пари драги „колеги“ подлизурковци да прифаќате во ваше име да поминуваат такви гнасни манипулации.

Режимот се научи да ви фрли коска, кому поголема кому помала, и вие одма, шлак, како Протоѓер каже. Ја испоганивте професијата до бескрај, за по некој стан, мислам на уредниците, не на оние кутрите новинари, кои голтаат кнедли и веднат глава кога во медиумот во кој работат се објавуваат лагите на режимот. Денешнава лага на Вест е еклатантен пример како се манипулира, а од тоа кешираат само уредниците на чело со првиот меѓу нив, оној де Петрески, а новинарите од некогаш омилениот весник голтаат кнедли и молчат, оти ќе биле избркани од работа.

Ех , има ли крај на Гебелштината на Протоѓер и на неговите платеници кобајаги новинари. Но, се за добро, како што велат старите.

Кога ќе заврши лудилото на режимот чинам дека ќе се срамите, а и колегите ваши нема да ве сакаат во нивните редови. Оти знаете, им ја испосравте професијата само заради вашата алчност и немање образ.

Ацо Кабранов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести