Вработените во грчката фирма Актор, која работи на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, утре започнуваат штрајк поради неисплатените плати. Работниците кои работат на автопатот од нова година до сега зеле само една плата, иако како што тврдат – менаџментот на фирмата редовно зема плати.
„Вработените си ги бараат парите и работиме по 10 саати, 2 недели секој ден и сабота и недела….значи ја сум аргатин секој месец анекс потпишувам за осигурување минимално, празниците ги истеравме без пари, грците земаа пари во кеш пред наши очи“, вели вработен во Актор.
Утре од 6 часот наутро, делницата кај Демир Капија ќе биде блокирана, а работниците велат дека штрајкот ќе трае додека не се исполнат нивните барања. 24 вести се обиде да добие одговор од менаџментот на Актор, но безуспешно.
Фирмата Актор е вплеткана во афера уште пред две години, кога СДСМ објави дека од сметката на грчката фирма незаконски се изнесени 3,5 милиони евра. Грчките медиуми пак го објавија наодот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во кој се вели дека грчка градежна компанија која гради автопат вреден безмалку 280 милиони евра дала поткуп на официјални претставници од Македонија за да го добие договорот.
„Актор“ го привлече вниманието и од меѓународните институции бидејќи оваа делница се гради со европски грантови и кредити. Во февруари годинава, финансиската полиција доставувала доказен материјал до Европската канцеларија за истраги на измами со европските фондови – ОЛАФ за случајот „Актор“.
„Управата за финансиска полиција во рамките на своите надлежности соработуваше со Европската канцеларија за истраги на измами со европските фондови – ОЛАФ во прибирање на потребниот доказен материјал, при што е обезбеден поголем дел од истиот“, – изјавија за 24 Вести од јавното обвинителство.
Бидејќи предметот бил во предистражна постапка, обвинителството за гонење на организиран криминал не откри детали-какви докази побарале од ОЛАФ. Гувернерот Димитар Богов минатиот месец рече дека службите на НБРМ го испитале случајот „Актор“ и не дошле до информации за спорни трансакции.
Извор: 24 Вести


