Како граѓаните и компаниите ќе го почувствуваат затегнувањето на монетaрната политика

Ќе доведе ли затегнувањето на монетарната политика што вчера го најави Народната банка до зголемување на каматите на кредитите е прашање што неминовно се поставува со оглед на тоа што одлуката за зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка од 3,25% на 4% е мерка која ќе ги натера банките повеќе пари да пласираат во благајнички записи наместо во оптек. Благајничките записи се хартии од вредност што ги издава Народната банка и претставуваат еден од главните инструменти на монетарната политика која НБРМ ја користи за одбрана на девизниот курс и стапката на инфлација. Кога каматната стапка на благајничките записи е ниска како што беше досега на рекордно ниските 3,25%, банките се демотивирани парите да ги пласираат во записи бидејќи имаат повеќе ќар ако ги свртат преку издавање кредити на граѓаните и компаниите. Тие на некој начин се принудени со конкуретни камати да настапат на пазарот и тоа е поволно за корисниците на кредити, бидејќи за нив плаќаат пониски камати. Во случај на пораст на каматата на записите, како сега за 0,75%, банките во исто толкав процент се позаинтересеирани парите да ги пласираат во овие хартии од вредност на Народната банка бидејќи за толку се зголемува нивната заработувачка. Ако се земе предвид дека износите што редовно се пласираат во записи се во милионски суми, може лесно да се заклучи дека на банките многу посиплатливо ќе им биде без ризик да купуваат записи и да земаат камата од НБРМ наместо да ризикуваат и парите да ги пласираат во економијата. Со други зборови, овој чекор на НБРМ лесно може да ги натера банките да ги „поскапат“ кредитите односно да ги зголемат каматите во зависност од нивните внатрешни процени и калкулации. Колкаво ќе биде промената на каматите на кредитите и дали тоа ќе важи само за новоодобрените или и за издадените кредити со варијаблина камата останува да видиме со оглед на тоа што банките порано или подоцна ќе одговорат на овој чекр на НБРМ што секако на крајот ќе падне на товар на граѓаните и компаниите. Инаку, во НБРМ вчера соопштија дека промената на каматната стапка е одговор на делувањето на фактори од неекономска природа. „Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата“, соопшти НБРМ.

Извор: emagazin.mk

Најчитани вести