Истекува рокот за увоз на половни патнички автомобили со стандарди Еуро 3. Од 1 јули ќе можат да се увезуваат автомобили со стандард Еуро 4 и повисоки од него.
Тоа, всушност, значи дека веќе нема да можат од странство да се набавуваат коли постари од 2005 година.
Но тоа значи и дека тие возила ќе бидат со повисоки стандарди, но и со повисока цена. Сепак, автомобилите од поновата генерација, кои се вклопуваат во повисоките стандарди, ќе значат и помало загадување на воздухот.
Податоците на Царината говорат дека само во првите два месеци од годинава во земјава биле увезени 4.209 употребувани патнички автомобили, што е речиси двојно повеќе од увозот во јануари и февруари минатата година, кога во земјава влегле 2.391 стари коли. Оваа година особено голем увоз на стари патнички автомобили е регистриран во февруари, и тоа 2.514 возила. Рекордна година по увоз на употребувани патнички автомобили беше 2010, кога беше олеснет увозот на стари коли со законски измени и кога во земјава влегоа над 51 илјада автомобили со пониски стандарди од Еуро 4.


