Владата на Република Македонија вечерва на седница го усвои Предлог ребалансот на буџетот за 2016 година, кој веднаш ќе биде доставен до Собранието на РМ.
Како што образложи на прес-конференција министерот за финансии Кирил Миноски, ребалансот се должи на промена на проекцијата за растот на бруто општествениот производ од 4 проценти на 2,3 проценти.
Со ребалансот, како што потенцира министерот, не се загрозува исплатата на платите, пензиите и социјалните трансфери, а капиталните расходи се намалуваат, но сепак остануваат на високо ниво.
– Како резултат на промените во растот на бруто општествениот производ неопходно беше да се изврши и соодветна промена на проекциите на вкупните пригоди и вкупните расходи. На приходната страна имаме намалување на проекциите за околу 2% или во апсолутен износ за три милијарди денари, а расходите за 804 милиони денари во однос на проектираното, објасни Миноски.
Со ребалансот доаѓа и до извесно зголемување на буџетскиот дефицит од првично проектираните 3,2% на 3,6%, од бруто општествениот производ или за 2,1 милијарда денари.
– Со ребалансот на буџетот настојуваме да обезбедиме непречено сервисирање на сите функции на македонската економија – рече Миноски.


