400 закуподавци од Велес казнети оти не поднеле аконтативна даночна пријава

Неколку стотини велешани, сопственици на деловен простор и станови кои ги изнајмуваат, добиле глоба затоа што не поднеле аконтативна даночна пријава за имот. Неофицијалната бројка е 400 изречени глоби во висина од по 200 евра.

Голем број од казнетите, со решенијата в рака незадоволни и лути, претпладнето го минаа во канцелариите на велешките даночници.

– Кога ја поднесував даночната пријава во март, го прашав службеникот што уште друго треба да сторам, а тој ми објасни дека тоа е се. За оваа грешка, не по моја вина, ме казнијљ 200 евра а ако ја платам во рок од осум дена казната е 100 евра – рече Ленче Димова.

Засегнатите обврзници велат дека на изречената глоба нема право на жалба, а на решението имало само потпис, не и печат од УЈП. Во друг случај, жителка на село Иванковци добила иста казна, иако сите давачки ги плаќа закупецот.

Сопственик кој со децении го изнајмува деловниот простор, годинава прв пат е казнет.

– 30 години го изнајмувам локалот, редовно плаќам ама ова не се случило. Доколку некој ми кажеше за оваа обврска, кога поднесував пријава, сигурно дека и таа ќе ја подмирев. Каде толку пари давам, ќе ги платев и овие. Требало да не известат, вака директно глоба не е во ред. Не се чувствувам виновен за да плаќам глоба – вели Раде Велковски.

Меѓу бројните незадоволни велешани беа и претставници на граѓански здруженија. Тие добиле глоба оти нереално го пријавиле данокот.

– Ми стигна казна дека сум имал промет од 3,5 милиони денари, што е далеку од реалната. Ме казнија како раководно лице 270 евра, затоа што не сум поднел финансиски извештај, а правното лице 900 евра – велат од граѓанското здружение „Зелена сила“.

Од УЈП одговараат дека тие максимално транспарентно и со кампањи ги информираат и едуцираат обврзниците.

– Десет години УЈП води активна кампања за информирање на граѓаните во делот на нивните права, но и нивните обврски за навремено пријавување на приходите по најразлични основи, роковите, казните и слично. Во сите спроведувани кампањи активно се вклучени националните и локалните медиуми, општините, достапни се информации и публикации на веб страницата на УЈП и користени се други комуникациски канали. Секако, граѓаните за сите прашања поврзани со даноците можат да се обратат и во најблиската даночна канцеларија или во Контакт центарот на УЈП на телефонскиот број 0800 33 000. На граѓаните кои ќе задоцнат или воопшто нема да поднесат даночна пријава – аконтативна и годишна, во пропишаниот рок, законот предвидува глоба за сторен прекршок во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност – стои во писменото соопштение на УЈП.

Извор: tirekovmirece.com

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести