Првите луѓе во Министерството за финансии, десетина дена откако Европската унија сопре дел од парите за Македонија, се уште не кажуваат за кои проекти станува збор, пренесува Плусинфо.
– Немам таква информација. Немам информација за кои проекти се стопирани такви пари – рече Игор Димитров, државен секретар во Министерство за финансии, на денешниот настан посветен на проектот „Понатамошна соработка за ефикасна превенција и сузбивање на измамите и неправилностите со фондовите на ЕУ“.
Во рамките на овој проекти институции од Литванија помагаа на македонските власти да се изработи Националната стратегија за заштита на финансиските интерси на ЕУ во Македонија, која треба да биде усвоена од Владата.
Димитров, доби појаснување од претставникот на делагацијата на ЕУ, Мартин Клауке. Тој на Димитров му посочи дека се скратени 27 милиони евра и дека е одбиена апликацијата за Коридорот 8 за кој земјава барала европски пари. Клауке јасно кажа дека причината за кратењето на парите е отсуство на политичка волја да се направат соодветни реформи.
Европскиот суд на ревизори во својот извештај, пред две недели, укажа на потребата дека власта треба да покаже политичка волја во однос на реформите за да може поефикасна да биде европската помош. Стопирањата од 27 милиони евра се во програмскиот дел поради немањето реформи во јавните финансии, поради недоволни определби и секторски координации, подготвеност во конкурентноста, иновацијата, некои фондови и од таа област нема да бидат достапни – Мартин Клауке, претставник на делегацијата на ЕУ.
Откако ја слушна критиката, Димитров одби да ја коментира. Но, посочи дека институциите сериозно работеле на искористување на парите од ЕУ фондовите, но, можеби некаде има одреден застој.
– Не би се впуштил да ја коментирам изјавата, таа си е дадена од претставник на европската делагација. Сметам дека станува збор за многу посложена состојба. Не станува збор за недостаток, на прво и основно, политичка волја, ниту за недостиг на капацитет од македонската страна да се спроведат проекти – рече Димитров.


