Голема несреќа или убиство и самоубиство кријат водите на езерото Калиманци. Брачниот пар Тања и Дејан С. од каменичка Дулица, вчера го завршиле патувањето со фордот до месноста Рибнички мост по црниот пат кој води до езерото. Што се случило меѓу нив, се уште е нејасно, информира ТВСтар
Дека трагедија го зави во црно нивното семејство, најави испливувањето на телото на 31-годишната жена, вчера околу 18 часот. Телото го виделе рибари и полицаец кој поминувал оттука, додека денеска специјални единици нуркачи од полицијата трагаат по телото на сопругот, 41-годишниот Дејан и по нивното возило. По црниот пат се евиденти траги од возило. Овде според нашите информации езерото е длабоко околу 10 метри.
„Имале проблеми меѓу себе. Некои кажуваат дека вчера биле да поднесат барање за развод“, велат пријатели на сопружниците.
Роднини и пријатели на сопружниците денеска беа покрај езерото очекувајќи резултати од истрагата. Сите се потресени од големата трагедија.
„Потресно е, млади луѓе се, дај Боже да не се случува повеќе“, велат соседи на сопружниците.
Сопружниците ги паметат како мирни и повлечени луѓе.
„Ние ги знаеме како мирни луѓе, домаќини, мене ми се и роднини, но дали имало недоразбирања меѓу нив не знаеме“, велат роднини на сопружниците.
Од МВР денеска соопштија дека се работи на расветлување на случајот. Но, оттаму информираат дека вчера во 12.10 часот во ПС во Македонска Каменица, Л.Р. телефонски пријавила дека нејзината ќерка Т.С. и зетот Д.С. имале брачни недоразбирања и со ПМВ„Форд Фиеста“ со штипски регистарски ознаки се упатиле кон Делчево. Истата слушнала врисок од ќерката и поради тоа се сомневала дека нешто се случило.
Во Здравствен дом во Делчево синоќа била извршена обдукција на телото на несреќната жена, при што се констатирани повреди на главата, десната надлактица и долниот дел на грбот, но обдукција потврдила дека смртта настапила како последица од давење во вода.
Несреќниот брачен пар зад себе остави две малолетни ќерки.
Инаку, водите на езерото Калимнаци во неколку наврати беа место на злосторство и трагичен крај на брачни животи. Се уште се памети случајот од пред 30 години на штипските сопружници кога сопругот го истуркал возилото во водите на езерото заедно со сопругата.
извор: ТВСтар


