Во синоќешното невреме што го зафати Скопје и околината, животот го загубија 20 лица, од кои 13 се идентификувани, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи, јавува Агенција Анадолија (AA).
Портпаролката на полицијата, Наталија Спирова Кордиќ, извести дека 20-те загинати лица од кои за 13 е завршена идентификацијата, им се предадени на семејствата.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи до 8 часот и 30 минути, имаше 22 повредени, додека пак 6 лица се водат за исчезнати. Ова се бројките добиени до 8:30 минути утринава, но постои веројатност бројката на жртви и исчезнати да се зголеми во текот на денот, изјави за АА портпаролката Спирова Кордиќ.
(АА/Тони Николовски)
Во синоќешното невреме најмногу беа погодени Арачиново, Смилковци, Стајковци и Сингелиќ, каде што се најдени и жртвите.


Од МВР потврдија дека голем број екипи, од припадници на војската и специјалните единици, се сè уште на терен и работат на расчистување и пребарување на теренот. Синоќешниот пороен дожд и силен ветер предизвикаа одрони и свлечишта и ги поплави домовите и возилата.


Повеќе од 30 возила приближно час и половина беа заглавени на обиколницата кај селото Стајковци, поради свлечиште што формирало насип, а водата влегувала и во автомобилите.
Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека во изминатите 24 часа во Скопје се измерени 93 литри на метар квадратен. Тоа се мерења за наврнат воден талог до 8 часот утрово.
Инаку Советот на Град Скопје за денеска во 14 часот најави вондредна седница на која ќе се дискутира за невремето кое го погоди градот Скопје изминатата ноќ.


