Уште една година на понижување на лозарите од страна на владата помогната со еден од таканаречените лидери на земјоделците, Аризанов – вратени и ланските цени на грозјето и начинот на исплата од 6 месеци.
И покрај измената во Законот за вино според кој исплатата на грозјето од страна на винариите се скратува на 3 месеци, мерка која на почетокот на годинава во медиумите беше „продадена“ како грижа на владата за лозаропроизводителите, денеска истиот Заменик министер за земјоделство Ванчо Костадиновски најави дека се враќа стариот начин на плаќање.
На ваквиот „успех“ на владата со честитка се придружи и Аризанов кој на лозарите им посака Среќна берба 2016 со договорени ланските цени од 11 денари бело и 13 денари за црното грозје.
Што да кажам лозари, освен дека повторно сте изиграни и изманипулирани. Владата има начин како да овозможи повисоки откупни цени и плаќање до декември, доколку сака.
Прво и основно да се намалат производните трошоци преку поефтина нафта, ѓубрива и заштитни средства. Оваа математика покажува дека цената на килограм грозје на овој начин може да се намали за 2 денари. На овој начин цената на грозјето ќе биде конкурентна и ќе им се исплати и на лозарите и на винариите.
Во случај како кај нас кога земјоделците произведуваат со скапи репроматеријали, а субвенциите се нередовни, тогаш мора да се јави владата како гарант со неколку мерки:
-Дополнителни субвенции до цената која им одговара на лозарите.
-Преработка на грозјето во дестилат – има вакви капацитети кај нас, со потребна технологија. Како пример се владите на Франција и Италија кои пред неколку години кога имаше проблем со пласманот на виното и визбите им беа полни со залиха, голем дел од родот го преработија во дестилат, само да не бидат лозарите во загуба.
-Долгорочно со изградба на фабрика за производство на гроздов концентрат за кој има и цена и пласман.
-Да се активираат амбасадорите, економските промотори и другите вработени во секторите за поддршка на пазарот и да се најде пазар за виното.
Постојат и други модели и начини на кои укажуваат агробизнисмените, како примерот со купувањето на кинеските двокатни автобуси кои владата место што ги плати со пари можеше да понуди македонско вино.
А лозарите за почеток нека расчистат со Аризанов и неговата злоупотреба на земјоделците за личен интерес.
Ленче Николовска


