На Параолимписките игри во Рио де Жанеиро се одржа фантастична трка на 1.500 метри за хендикепирани слабовидни спортисти. Трката не само што претставува светски рекорд, туку е и подобра отколку што беше потребно за злато на последните Олимписки игри.
Алжирецот Абделатиф Бака има 22 години. Припаѓа на Параолимписката класа T13. Тоа “Т” се однесува на спортисти кои настапуваат на патеката, а 13 е трета категорија за слепи лица и лица со оштетен вид. Во T13 класа, која го вклучува и јунакот на оваа приказна, вброени се оние параолимписки спортисти кои многу слабо гледаат, но кои можат да настапуваат без водич.
Во финалето на 1.500 метри, Абделатиф Бака со резултатот 3:48,29 стана нов светски рекордер на Параолимписките игри и нов Параолимписки шампион. Сепак, она што е нереално е дека резултатот е подобар од оној на американецот Метју Сентровиц (3:50,00) со кој го освои златниот медал минатиот месец на Олимпијадата во Рио.
И не само тоа. Олимпискиот шампион Сентровиц, да настапеше на оваа трка со параолимпијците и го повтореше истиот резултат со кој го освои златото, сега ќе останеше без медал.
И не е чудно. Кога очите не ја гледаат целта, тогаш срцето води до неа.


