Пиперката „ајварка“ скапува на нивите

Струмичките земјоделци, најавуваат нови протести, ако институциите не преземат нешто за спроведување на неделните цени на откуп на пиперката. Тврдат дека освен што е ниска цената за откуп на пиперката, откупувачите секои два дена ја намалуваат, а институциите не преземаат ништо. Дополнително не ги добиле и субвенциите, а сето тоа, како што велат ќе влијае идната година драстично да се намали градинарското производство.

– Бараме откупните цени на градинарските производи итно да се вратат на ниво на цените што беа договорени во февруари, на нашата заедничка средба со претставници од преработувачките земјоделски здруженија, кои ги засега овој проблем. Имено, на таа средба договоривме прифатливи цени од трите страни, а веќе десетина дена во регионот откупните цени на овие производи се дури 50 отсто пониски – вели Ристо Велков, од Сојузот на синдикати на земјоделците.

Откупната цена за пиперката „куртовска капија“, вели тој,  наместо да изнесува од 20 до 24 денари, колку што е договорено, се откупува по 10 до 12 денари за килограм, што е под производната цена.

– Не само што не ја почитуваат договорената цена, откупувачите по два дена ги затвораат пунктовите, а потоа ги намалуваат дополнително цените, бидејќи се зголемува понудата. Големи количини на собрана пиперка останува во дворовите, а исто токлави количини чека на нивите. Оставено е се на земјоделците сами да се снаоѓаат како да го продадат она што го произвеле – вели Велков.

Според него, ова и се уште неисплатените субвениции ќе влијаат за намалување на градинарското производство во наредната година.

– Цела откупна сезона имаме проблеми. Откупот на доматите беше катастрофален, сега и со пиперката е истото. Субвенциите се исплатени само 40 отсто.Од што ќе живеат земјоделците. Немаат пари да ја преживат годината, а не да размислуваат за трошоците што ги чекаат идната сезона – вели Велков.

 

Најчитани вести