Обвинетите во случајот „Диво Насеље“ на кои им се суди за тероризам поради ланската дводневна војна во Куманово ќе побараат од судот во нивната постапка сведоци да бидат лидерот на ДУИ Али Ахмети и други политичари, кои според нив, биле дирекно вмешани во кризата, јавува Плусинфо.
– Дали ќе ги повика судот Ахмети и другите не знаеме, но ако не дојдат да дадат исказ тогаш ние заедно со нашите клинти ќе ја кажеме вистината.
Ова за Плусинфо го велат адвокати на обвинетите, кои веруваат дека Ахмети е човек од збор и дека ќе дојде на суд.
Досега судот испраша 18 заштитени сведоци. Од денеска па во наредниот период одлучено е доказите што ги има државата, освен класифицираните, да се читаат усно и да им се објаснуваат на обвинетите, бидејќи не разбирале што пишува во доказниот материјал.
Станува збор за над 4.000 страници срочени во пет папки кои според судот може да се читаат во следните неколку месеци.


