ЛДП Битола: Нерамномерниот економски развој ја уназади државата

Загрижувачки е трендот на сè поголемиот нерамномерен развој на планските региони во Македонија, а особено назадувањето на Пелагонискиот Регион, во однос на Скопскиот Регион. Така жителите на Скопско земаат двојно повисока бруто-плата во однос на жителите на Пелагонија. Со вакви анализи и обвинувања на сметка на Министерството за локална самоуправа и на Бирото за регионален развој, денеска на прес-конференција излегоа битолските либералдемократи, нагласувајќи дека нерамномерниот економски развој е проблем на целата држава и една од причините за економското назадување на Република Македонија.

Според Јован Налбанти, професор по економија, просечната нето-плата во Пелагонискиот Регион е за повеќе од 25 проценти, значи повеќе од четвртина, пониска отколку во Скопскиот Регион.

– Домашниот бруто-производ во Пелагонија по жител е дури за 40 отсто понизок во однос на Скопско. Иако Скопскиот Регион има трипати повеќе жители од Пелагонискиот, има 7,5 пати повеќе бруто-инвестиции и има 6,5 пати повеќе изградени станови годишно – рече Налбанти, нагласувајќи дека од 2013 до 2015 година БДП по жител во Скопскиот и во Пелагонискиот Регион пораснал за исто, односно за 8,5 отсто, додека пак бруто-платата за истиот период во Скопскиот Регион пораснала двојно повеќе отколку во Пелагонија, односно 5 проценти наспроти 2,5 отсто .

Налбанти смета дека сите овие податоци зборуваат за еден голем проблем на македонската држава за кој, како што рече тој, на битолските пратеници од власта и по 10 години од владеењето им е сеедно што се случува во нивниот град и регион.

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести