Пратеникот Васко Ковачевски со амандман побара во буџетот за 2017 година да се обезбедат 250.000.000 денари за отпочнување на исплатата на утврдената штетa која настана со елементарната непогода – мраз на територијата на Ресен во април оваа година. „Според извештајот што го направи Комисијата за процена на штети од елементарна непогода – мраз, формирана од страна на Градоначалникот на Општина Ресен со решение бр.09-1066/1 од 22.04.2016 година формирани се пет комисии за утврдување на настанатите штети. Заради специфичноста на овој вид елементарна непогода, побарано е и експертско мислење од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Со оглед да во Ресен овоштарството е основна гранка и единствен извор на егзистенција на најголем дел од граѓаните, пристигнаа 2314 барања за проценка, со површина од 2705 ха на кои се насадени 9 врсти на култура. Комисијата утврди дека вкупната штета изнесува 1.313.014.647 денари. До денес, не е исплатен ниту денар од утврдената штета иако имаше ветувања и од Градоначалникот Стрезовски, од владините претставници и од надлежните институции.
Затоа, предложивме во буџетот за следната 2017 година да се извојат 250 милиони денари или околу 4 милиони евра , што претставива 20% од утврдената штета како би можело да започне обештетувањето на овоштарите од Ресен со оглед да истите имаат потреба да ги започнат подготовките за следната реколта.„ Амандманот без образложение беше одбиен и од страна на заменик министерот за финансии и од пратничката група на ВМРО ДПМНЕ.


