(ВИДЕО) Амандман на СДСМ за десулфуризација на РЕК Битола

Пратеникот Васко Ковачевски го образложи амандманот со кој ќе се овозможи намалување на загаденоста на воздухот кој го дишат  Битолчани.

Со овој амандман предлагаме да се обезбедат средства во висина од 1.200.000.000 денари или околу 20 милиони евра. Овој износ на пари од буџетот за 2017-та година предвидуваме да се намената за ДЕСУЛФУРИЗАЦИЈА НА РЕК БИТОЛА, односно да започне првата фаза од овој проект. За потсетување на јавноста, ваков амадман предложивме и минатата година кога се носеше буџетот за оваа 2016та година, но истиот беше одбиен без образложение. Испуштањето на штетни гасови во атмосферата и загадувањето на воздухот се вбројуваат меѓу најголемите причинители на различни респираторни болести, вклучително и најопасните болести карцином или рак. Намалувањето на штетните материи во воздухот ќе овозможи поквалитетна животна средина и ќе придонесе за зачувување на здравјето на граѓаните. Битола повторно руши рекорди по нивото на загаденост на воздухот и во друштво со Скопје, Тетово и Кичево е еден од најзагадените градови не само во Р.Македонија туку и во европски и светски рамки. Според Министерството за животна средина и просторно планирање, главен извор на загадување во Битола е Комбинатот РЕК Битола. Тоа стои на официјалната веб страна на ова министерство. Ако РЕК Битола е најголемиот загадувач на амбиентниот воздух во Битола, Новаци и околните населени места, тогаш и тоа како се протребни средства од буџетот на државата за инвестиции во еколошки проекти во РЕК Битола. Причина плус е тоа што РЕК Битола како енергетски комбинат произведува над 70% од вкупното производство на ел.енергија во Р.Македонија на годишно ниво, со што значително го полни буџетот на Р.Македонија преку АД ЕЛЕМ. Во изминатите години од владеењето на ВМРО ДПМНЕ, очигледен е нивниот игнорантскиот однос кон проблемот со загадувањето во Битола. И од централната, но и од локалната власт. Имено, уште во 2007 година РЕК Битола преку АД ЕЛЕМ аплицираше за А интегрирана еколошка дозвола, каде процесот на десулфуризација е вклучен во оперативниот план. Во оперативниот план, исто така е планирано и намалување на емисијата на прашина од димните гасови. Во 2012 година, АД ЕЛЕМ го направи проектот за десулфуризација на РЕК Битола кој претставува модернизација на технолошкиот процес, со што ќе се овозможи редукција на емисиите на сулфурен диоксид и прашина, како и соодветно третирање на отпадните води преку нова станица за третман на отпадни води. До 2014 година согласно ЕУ директивите фабричките и индустриските капацитети во Р.Македонија мораа да воведат еколошки стандарди за заштита на животната средина.

РЕК Битола беше, но и сеуште е далеку од воведување на високи еколошки стандари. Владата го искористи право да даде транзиционен период до 2018 година. Времето си течи, конкретни активности на овој план сеуште нема! Еколошките проекти за РЕК Битола се одложуваат заради економската криза и немањето на доволно финансиски средства. Ако е заради парите, ќе поставам 2 прашања: Прво, како можи да има 15 милиони евра за Рајска градина во Аеродром – Скопје или пак 18 милиони евра за нова барокна зграда на ЕЛЕМ во Скопје, а да нема пари за еколошки проекти во РЕК Битола? Замислете ако 33 милиони евра наместо за луксузирање и нова зграда за ЕЛЕМ, се искористеа на пример за значително подобрување на еколошките стандарди на РЕК Битола. Дали ќе беше вакво загадувањето во Битола? Дали ќе ни се полнеа болниците и ќе ни се разболуваа деца? Дали ќе умираа млади луѓе од рак, каква што тенденција има во последниве години? И дали овие потези што ги прави актуелната власт не се класично поигрување со здравјето и животот на граѓаните на Битола, Новаци и околните населени места? За разумна власт, квалитетот на живеењето на граѓаните е приоритет број 1. А за Никола Груевски и неговите соработници, приоритет број еден е да се задоволат апетитите на тесната група што владее заедно со него! Второ, како можи со местење на тендери за ископ и транспорт на јаглен во рудниците во РЕК Битола само за периодот од 4 години да се исплатат 207 милиони евра на неколку фирми блиски до власта, иако комбинатот располага со сопствени багери за копање и транспортна лента за јаглен, која впрочем е платена 18,6 милиони евра и истата не работи. А знаеме заради што не работи… Камионите на Сеатот, Битолчанецот, Кратовчанецот, Дебелиот и на други тендераши треба по неколку пати да вртат кругови околу вагата за јаглен и така билдаат и тежина и сатница. Дали со домаќинско работење немаше да се обезбедат овие средства за намалување на штетните гасови и прашината која од РЕК Битола ја дишиме ние битолчаните, а и жителите на Новаци, на Могила и на сите населени места околу РЕК Битола. Доколку не го прифатите овој амандман, тогаш после изборите на 11ти декември новата власт која ќе ја предводат СДСМ и Зоран Заев ќе направи ребаланс на буџетот и ќе се обезбедат средства за еколошки проекти во РЕК Битола заради подобар живот на сите жители во Битола и околните населени места.

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести