Една од омилените предизборни лаги на Никола Груевски наменети за земјоделците се странските инвестиции во откупно-дистрибутивни центри со кои секогаш најавува дека ќе го реши откупот на земјоделските производи. Денеска предизборно најави дека таква „среќа“ овој пат ќе имаат земјоделците од јужниот регион, Дојран и Богданци со Холандска инвестиција?!
Во меѓувреме не само што не го реши пласманот туку дополнително и ја влоши состојбата бидејќи овие „странски инвестиции“ најчесто беа параван на луѓе блиски на власта кои откупот го вршат селективно, ја рушат цената на производите, а плаќаат ако сакаат и кога сакаат без некој да ги контролира или санкционира.
Таков е примерот со откупно дистрибутивниот центар „Епл Ленд“ во Преспа, поточно место Макази, дубајска инвестиција која се најавуваше цели 5 години додека не се заврши изградбата. Откупниот центар се отвори лани, а лента сечеше Груевски. Многу брзо овоштарите се пожалија дека во новоотворениот откупен центар, откуп вршат двајца советници од редовите на ВМРО ДПМНЕ. По која цена и од кого одлучуваат тие. Ова секако остана шпекулација како што им останаа и парите за јаболката на овоштарите.
Една година потоа, многу овоштари сеуште ги немаат добиено парите за предадените јаболка. Годинава велат дека само советниците се сменети со други луѓе блиски на власта. Начинот на откуп и минималната цена останува иста иако родот е преполовен од лани поради измрнувањето на овошките. Но веројатно само кај нас може при различна понуда и побарувачка цената на производот да е иста.
Ете ова се инвестициите на Груевски кога се откупно-дистрибутивните центри во прашање. Ако не ви е доволно убедливо или имате уште дилема со кого си имаме работа, ве потсетувам на две големи „странски инвестиции“ во агарот во неговиот мандат. Џумајлија со 20 000 крави на Субрата Рој и Шведската млекарница која за едно евро му ја продадоа на Моше Баум, како најголеми инвестиции најавени од посочената личност.
Ленче Николовска


