Бројот на храбри луѓе кои се подготвени секогаш да помогнат, да скокнат во вода и оган, да пружат рака на поддршка и зборови на утеха и да ги спречат несреќите, од пред неколку дена е зголемен за уште еден, за четириесет и тригодишниот скопјанец Аријан Превала, искусен пилот, инструктор по летање во САД.
Присебноста и пожртвуваноста на Превала спречија голема трагедија во градот Мериден, во американската држава Конектикат. Аријан спаси повеќе стотици животи.

Студентот-пилот, Ферас М. Фреитех (28), од Јордан, во вторникот додека под придружба на инструкторот Превала изведувал контролен лет, од засега неутврдени причини намерно го урна авионот „Пејпер Па 34A“ насочувајќи го леталото прво во станбена зграда во густо населен кварт, а потоа и во фабрика за воена опрема.
Но, „Пејперот“, само поради подготвеноста на инструкторот Превала кој дваесетина минути горе во воздух се борел со разбеснетиот студент, не ја „погоди“ ниту зградата, ниту пак фабриката.
Се сруши среде улица во непосредна близина на погоните каде во тие моменти имало над триста вработени, заради што на случајот му дава посебна тежина.


