Како што започна, така и завршува овој гроздобер, со нервози за лозарите. Иако министерот за земјоделство, Михаил Цветков уверуваше дека грозјето ќе се собере до последно зрно тоа не е така. Целиот откуп поминуваше со проблеми. Ниту дополнителните субвенции за визбите не го мрднаа откупот од мртва точка.
Многу грозје скапа на лозјата, а еве сега и на крај од бербата повторно не се откупува преостанатиот род. Неготинско „Повардарие“ ги затвори портите и не собира повеќе грозје, бидејќи било преполно. Собрале над 30 милиони килограми грозје, наместо првично планираната количина од 15 милиони килограми.
Ова е уште еден од серијата удари со кои се соочија производителите на грозје.Не собрани ќе останат околу 5 милиони килограми смедеревка, а не познато е колкава количина скапа и од смедеревката и од вранецот.
„Ваква неодговорна власт која мисли само за своите лични интереси нема никаде. Само во Македонија никој не мисли на земјоделецот. Само во Македонија земјоделците се обично гласачко ливче. Срамно е ова што го прават. Се рашетале министрите од ВМРО-ДПМНЕ низ тиквешките села, а никој нема храброст и доблест да се сретне со нас и да разговара, да му кажеме за маките низ кои минуваме. Срамота е ова. Нема потреба да идат и за изборите да не убедуваат да гласаме “ револтирано коментираат лозарите.
Извор: Тиквешија ИНФО


