Крај на лошиот откуп на грозје!

Откупот на грозјето за жал, заврши како што претпоставував, со понижени лозари, дуплирани количества откупено грозје од страна на „Повардарие“ и влада која навидум превземаше мерки а всушност беше само нем посматрач на уништувањето на лозарството како земјоделска гранка.

Фактот дека проблемот со откупот на грозјето започна да се решава откако се создаде, наместо да се предвиди, ја најави лошата година за 30 000 лозарски семејства во државата. Министерството за земјоделство  пред почетокот на откупот требаше да има изградено стратегија преку простата проценка колку род се очекува и колку ќе најават за откуп винариите и откупувачите па да планира како ќе го реши вишокот на грозје. Но лошото менаџирање од страна на министерството и измените на Законот за вино непосредно пред почетокот на откупот,  дополнително ја влошија состојбата на терен.

Уште на самиот старт на откупот со условувањето на откупувачите, од страна на владата,  да откупуваат грозје само за една винарска визба, најголемиот дел од грозјето се насочи кон Винарската визба „Повардарие“ каде лозарите буквално се молеа да го дадат без пари грозјето иако на некои не им беше платено ни ланското. Интересот пак на визбата да откупи 30 милиони килограми, наместо најавените 15 милиони килограми, се појави откако владата донесе мерка да субвенционира со 3 денари за црното грозје, а 2 денари за белото. „Повардарие“ и досега  преку оваа мерка има добиено  2,5 милиони евра субвенции.

Откупот заврши со бесплатна суровина за визбата во вредност од 5 милиони евра.

Останатите визби откупија според планираните количества, дел  се извезе како шира во Бугарија, добар дел остана ненабрано, а ќе се варат и големи количевства на ракија во домашни казани.

Лозарите претрпеа огромни загуби и тие се банкрот. Непродадено грозје остана во лозјата да скапува, а пари за грозјето што успееја да го предадат сеуште немаат земено.

Но тука не завршува проблемот на лозарите, ниту негативниот тренд на македонското лозарство. Виновата лоза е многугодишна култура и со новата сезона повторно треба да се влезе во насадите со закројување, врзување, прскање…со сите потребни агротехнички мерки за кои треба инвестиции. Со кои пари тие ќе ги работат лозјата, па ако сакате и со кој мерак, кога знаат како поминале претходната година. Многу од нив ќе се одлучат и на копачење на лозјата.

За државата ништо добро, ќе продолжи намалувањето на површините под винова лоза кои пред десет години беа 24 000 хектари а сега има 5000 ха помалку и тоа при  субвенции од страна на државата?! Најсилна потврда дека нешто не е како што треба.

Сето ова ќе се спречеше доколку имавме сериозна влада која се грижи за земјоделското производство и за земјоделците која ќе предвидеше согласно очекуваниот род од една страна и најавениот откуп на грозје од страна на винариите , колку вишок ќе се јави и ќе извршеше интервентен откуп со што ќе го спасеше годинешниот откуп. Оваа мерка е согласно Законот за земјоделство и рурален развој каде што е предвидено на барање на министерот владата да донесе одлука за интервентен откуп. Исто така можеше, наместо да ги дава субвенциите наменети за земјоделците како поддршка на винариите, владата преку економските промотори или амбасадорите да им помогне со пласманот на виното за да ги ослободат капацитетите. Во националната програма за земјоделство дури е предвидена и таканаречена „зелена резидба“, тоа е мерка со која предвреме се отстрануваат гроздови, односно се оди на квалиетет наместо квантитет.

Сите овие мерки се ад –хок решенија, доколку сакаме долгорочно решение на проблемот со откупот на грозјето, но и на било кој земјоделски производ, е  во создавање услови со кои ќе се зголеми конкурентноста на производот преку поефтини репроматеријали и навремена исплата на субвенциите. Со 50% поефтина нафта, со поквалитетни и поефтини заштитини средства и ѓубрива и со редовна исплата на субвенциите, може да се постигне намалување на производната цена и таа да им одговара и на лозарите и на винариите.

Исто така лозарите мора да се чувствуваат заштитени од уцени или доцнење во исплатата на грозјето од страна на винариите преку почитувањето на Законот за земјоделство и рурален развој кој предвидува одземање на лиценцата за откуп ако винаријата односно откупувачот доколку не се придржува на законски утврдениот рок за исплата. Тој рок исто така треба да биде пократок а не како сега 6 месеци.

Ова е крај на годинешниот откуп на грозјето. Се надевам дека, доколку има промени, новата реколта и новиот откуп ќе ја врати и надежта на лозарите кога ќе имаат шанса да видат како може да се организира еден сигурен откуп од страна на една влада.

Ленче Николовска

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести