Годинава откупот на оризот е повеќе од хаотичен и неизвесен. Ваквата ситуација ја создава власта со низа, според откупувачите нелогични контроли, барања и анализи од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Најновите барања кои денеска ги добиле сите регистрирани откупувачи на ориз во Кочанско се анализи за влага кои според Агенцијата за храна го одредува квалитетот на оризот.
Откупувачите реагираат дека за испитување на присуството на влага тие веќе законски се обрзани за што имаат купувано влагомери кои се баждарени и кои ги платиле по 2000 евра.
-Не можеме да се изначудиме зошто е ова одолговлекување за почеток на откупот од страна на власта. Сега инспекторите ни доаѓаат со налози за анализи на влага кои ги плаќаме по 4000 денари и тоа за утврдување на класи за ориз во лабораторија која не е акредитирана за класи на ориз?! Тоа се непотребни трошоци бидејќи ние веќе ги испитуваме тие својства. За извоз оваа анализа ништо не им значи на увозниците бидејќи купувачот сам си прави анализа во сопствената држава. Но со задоцнувањето на овие резултати ние не можеме да продаваме на домашен пазар – се жалат откупувачите.
Откупувачите додаваат дека ваквите очигледни опструкции од страна на власта негативно се одразува на пласманот на оризот, а со тоа и на откупот за кој регираат земјоделците. Со ваквото одолговлекување ги губиме пазарите поради тоа што купувачите кои имаат потреба од континуирано снабдување на пазарот, склучуваат договори со производители и трговци од други земји.





