(ВИДЕО)Инспектори бараат бактерии во арпата, се прави ли намерно лоша реклама за брендот кочански ориз?

Повеќе од еден месец не се реализира откупот на оризовата арпа во откупните претрпијатија во кочанскиот регион, со што собраната реколта од оваа сезона за сега останува без пласман.

Контролите за испитување на квалитетот и исправноста на оризот, што се реализираат во изминатиот период, ја запреа преработката на произведените количини и од минатата година.

Додека откупувачите ги чекаат резултатите од контрoлите, машините за лупење на арпата мируваат, а не смеат да се откупуваат и нови количини.

Според информациите од теренот, таква е ситуацијата кај сите откупни центри, освен еден кој поминал без контроли.

Досега се земаа примероци од откупените количини и кај нив се испитуваше фитосанитарната исправност на зрното. Откако кај повеќето претпријатија кај кои завршиле анализите се покажало дека нема никакви проблеми, започнале нови контроли. Сега на откупувачите им било најавено оти постојат сомневања за присуство на некави бактерии и штетници во оризот, за што ќе мора да почекаат уште десетина денови за добивање на резултатите од лабораториските наоди.

Тоа е причина да се јават сомнежи дека некој намерно го кочи откупот, со што нанесува директна штета и на откупно-преработувачките фирми, но и на самите земјоделци.

Министерот за земјоделство, Михаил Цветков пак, негира дека кочанскиот ориз е со лош квалитет, туку во прашање биле техничките карактеристики на зрното, а вината била кај откупувачите.

– Квалитетот на оризот си е во ред, се испитува квалитетот на оризот, на она што е декларирано и она што стои во етикетата, дали на тој квалитет ако мислите. Инаку, квалитетот како ориз е добар, кај преработувачите кои го преработуваат имаме доста крш на оризот. Ние во законот имаме точно дефинирано колку треба да има крш во оризот и знаете како е, има и кај откупувачите доста игри кои што , мислам дека не е проблем, тоа ќе се стави во ред, рече Михаил Цветков, министер за земјоделство.

Во меѓувреме кај откупните претпријатија веќе има незадоволство поради времетраењето на контролите за квалитет на оризот. Поради тоа договорените количини за извоз во странство не можат да се реализираат додека не се добие одобрение од надлежните државни органи. Истовремено, странските партнери дознале оти постојат некакви сомневања за исправноста на нашето производство, со што и директно се прави лоша реклама на брендот кочански ориз.

Инаку, во моментот големопродажната цена на килограм ориз во Грција изнесува 25 денари, во Италија 31 денар, додека во Турција е нешто повисока и се движи околу 37 денари. Со тоа македонското производство е неконкурентно, а со неиспорачувањето на договорените количини за извоз постои реална опасност и веќе склучените договори во иднина да не се продолжуваат.

Извор:Канал8Тв

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести