Добиточниот пазар во Битола е реалната слика на состојбата во која се наоѓа македонското сточарство. Скапа добиточна храна, ниска цена на млеко и месо, нередовни субвенции и недостиг од државна земја за обработка.
Ова беа најчестите коментари на сточарите со кои разговараше потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски кој денеска го посети Добиточниот пазар со цел да ги запознае сточарите со мерките од земјоделската програма на СДСМ за подобрување на состојбата во вкупниот аграр.


-Нема цена месото, 80 денари килограм и пак не оди. 6 денари пченицата а 13 денари добиточната храна. Ама тоа е затоа што во месарниците се продава смрзнато па одмрзнато месо од увоз додека нашето сточарство пропаѓа. Не можеме да опстанеме со 15 денари за литар млеко, а субвенциите не се редовни и не можеме да планираме на нив – се пожали фармер од село Канатларци.

-Новата влада предводена од СДСМ ќе покаже вистинска грижа за сточарите како и за целокупниот македонски аграр. Планираме 160 милиони евра субвенции кои ќе ги добивате навреме тогаш кога ви се најпотребни. Вие сточарите субвенциите ќе ги добивате во јули после жетва за да може да купите поевтина добиточна храна. Но ќе имате и зелена нафта, а ќе извршиме и ревизија на поделбата на државната земјоделска земја како и на пасиштата за да видиме во чии раце завршила и дали се обработува или служи само за добивање на субвенции. Земјата и пасиштата мора да ги имате вие, вистинските земјоделци – изјави Кирацовски.



