Откако само пред неколку дена стана светски првак, пилотот на Мерцедес, Нико Розберг, објави дека се повлекува од Формула 1 трките.
“Веќе 25 години, тоа беше мојот сон, да станам светски првак во Формула 1”, изјави Розберг преку социјалните медиуми. “Преку напорна работа, многу жртвување, тоа беше мојата цел. И сега го исполнив сонот.“
“Јас се искачив на мојата планина, јас сум на врвот, така што се чувствувам исполнето. Моите најсилни емоции во моментов се длабока благодарност кон сите кои ме поддржуваа да го реализирам тој сон.”
Розберг, кој освои девет трки оваа година, на патот кон титулата, изјави дека почнал да размислува за својата иднина на јапонското гран при во октомври, а потоа донел одлука во рок од 24 часа од возбудливото финале минатиот викенд во Абу Даби, каде што обезбеди место на подиумот, што му беше доволно за да стане шампион.
“Кога победив на трката во Сузука, од моментот кога судбината на титулата беше во мои раце, големиот притисок започна и почнав да размислувам за ставање крај на мојата тркачка кариера ако станам светски шампион”, продолжи тој.
“Во неделата наутро во Абу Даби, знаев дека тоа би можело да биде мојата последна трка и со тоа чувство расчистив во мојата глава пред стартот. Сакав да уживам во секој дел од трката, знаејќи дека тоа би можело да биде за последен пат … и потоа светлата се изгасија и ги имав најинтензивните 55 круга во мојот живот“ – изјави Нико.
“Одлуката ја донесов во понеделникот вечер. Првите луѓе на кои им кажав беа (сопругата) Вивијан и Георг (Нолти, од неговиот менаџерски тим), како и Тото (Волф, Раководител на Моторспорт во Мерцедес-Бенц).”


