Македонија стартуваше со победа на ракометниот Мундијал

Македонската ракометна репрезентација со победа го почна Светското првенство во Франција, откаки денеска во Мец го совлада Тунис со 34-30 (13-14) во натпревар од првото коло од групата Б од СП кое се одржува во Франција.

Одличен почеток за ракометарите на Македонија. Филип Миркуловски и Кирил Лазаров погодија за водство на Македонија од 2:0. Тунижаните преку Санаи, Банур и Жалуз стигнаа до првото водство на натпреварот, 2:3. Се играше потоа гол за гол се до дванаестата минута. Стојанче Стоилов постигна два погодоци во серија за водство на Македонија, 7:6. Следуваа два погодоци во низа на Кирил Лазаров, 9:7. Девет минути пред крајот на првото полувреме Бугами и Жалуз го израмнија резултатот, 10:10. Тунис повторно стигна до водство со серијата од два погодоци на Теж и Банур, 11:12. На полувреме резултатот на семафорот гласеше 13:14. Банур постигна погодок за Тунис, а на Стојанче Стоилов во последниот напад на Македонија во првото полувреме му беше блокиран шутот. Кирил Лазаров со 4 погодоци од 7 обиди беше најефикасниот репрезентативец на Македонија после првите триесет минути игра. Голманите во првото полувреме бранеа лошо, само 4 одбрани. Три одбрани имаше Кирил Колев, а една Благојче Трајковски.

Во македонската репрезентација Кирил Лазаров како и по обичај беше најефикасен и постигна 12 гола. Вториот меч на шампионатот Македонија го игра в сабота против Ангола.

 

извор: Супер спорт

Најчитани вести