Ненад Јовановиќ: Граѓанското општество мора да се одбрани

Знам дека го мислат тоа што Тој им го прочита во „Прогласот“, знам и тоа дека во Македонија има одреден анимозитет кон невладини, професионални здруженија, опозициони медиуми, но без граѓанско општество во 21. век, земја која отворено се стреми за влез во ЕУ и НАТО, не може да се смета за држава, туку за бананица на која секој може да (се) (с)клизне: мал, голем, опозиција, власт… секој.

Право да ви кажам, воопшто не знам што мислат кога треба да „чешлаат“ невладини и земјава да ја „десоросоизираат“. Знам што исчита Груевски во „Прогласот“, знам што неговите од утро до мрак дрват на режимските портали. Знам и тоа дека се’ живо е под масовна (народна?) хистерија. Знам и тоа дека постои одреден анимозитет што се гаи во македонското општество према невладини, професионални здруженија, опозициони медиуми. Само една мала работа не знам или, претпоставувам дека во тие кругови не се сфаќа, а тоа е, дека без граѓанско, цивилно општество, вклучувајќи ги и медиумите, професионалните здруженија и синдикатите – тоа е милје во кое се создава и развива демократијата, односно тој некој современ поредок во кој секој човек во оваа земја може да си најде некое свое место – држава едноставно нема. Држава не може да постои! Тешко може да се замисли современо демократско општество без граѓанско, цивилно општество, без медиуми, без таканаречени самоорганизирани поединци. Да се кренеш против тие вредности, да ја повикаш цела Државна безбедност на нозе, па преку инспекторите од УЈП да дереш и чешлаш невладини, тука, јас, да простите, навистина не ги разбирам Груевци. Имено, во 21. век, насреде Европа, бившиот премиер прави лична, политичка кампања, зборувајќи (читај, урлајќи!) дека „невладините го рушат поредокот и системот на државата“; не вели Груевски дека државата е урнисана од него, не вели дека во Македонија не владее ред и нема правен систем, ами вели дека невладините го рушат системот на државата. Кога тој човек такво нешто изјавува, да бидам искрен, јас навистина не знам што тој човек зборува. Останатите само го следат како некакви досадни папагали: Десоросоизација! Десосросоизација! Десоросоизација!

СЕ ШТИТИ СЕБЕ ТАКА ШТО УБИВА НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Кога ќе погледам некои свои искуства, туѓи искуства изминативе години: апсења, тужби за клевета, политички притворања, прислушувања… сфаќам дека овие луѓе имаат еден баш таков, сталинистички поглед на светот. Тоа е поглед во кој секој оној што размислува поинаку е непријател. A тоа уште Воин Димитриевиќ многу одамна прекрасно го опиша. Стално велиш „општо е познато“, а всушност тоа општо е познато практично е некоја теза која ти ја отвараш, што значи треба да ја разложиш, тоа „општо е познато“ мораш да го објасниш. Еве пример: „општо е познато дека Македонците се неработници“, или, „Протестантскиот морал е најдобар за работа“. Ова се работи кои се воспоставуваат, и тогаш со самото тоа ти нешто си потврдил, ти веќе имаш некаква основа. А, ако некој друг земе и каже нешто сосема спротивно од тоа што ти си го потврдил, ти одиш на бокс, удираш на таа личност, и воопшто не те интересира суштината на таквата изјава. Така, според клучот на Воин Димитриевиќ, го објаснувам сталинистичкиот поглед на светот.

Така изгледа и целата Груевистичка сцена. Многу е погубно кога бившиот премиер ќе излезе на телевизија, па ќе каже: „невладините го поткопуваат системот“. Со тоа Гревски се штити, а невладините се на губиток. Не си ти виновен што целиот систем беше во твои раце и не направи нешто битно и важно, сега кога реално паѓаш, виновни ти се невладините. Мене ваквите изјави ме ужаснуваат, па почнувам да се прашувам: на кого мисли кога вели дека Македонија мора да се „десоросоизира“? Можеби мисли на своите партиски војници, тие од ИК ДПМНЕ, такви, ги замислувам, седат како навиени, укочени па навиени, единствено може да се мрднат кога шефот ќе им каже дека можe да се мрднат. Тоа е бедно, тоа те понижува, како човек и како некој кој работи во невладина организација, некој кој работи граѓанско општество. Те понижува човек кој беше десет години премиер на оваа земја, те понижува човек за кој веќе си заборавил кога беше времето во кое тој кажал нешто смислено, нешто разумно. Ја не зборувам тука за комшијата Миле, зборувам за човек кој беше премиер на оваа земја десет години.

СТАЛИНИСТИЧКИ ПРОТОТИП

Погледајте еден луд пример. Цветин Чилиманов, човек кој е предводник на движењето „Стоп Сорос“, пред три дена, на сите режимски портали тврди дека милионски суми на пари се влезени во невладините, а преку невладините влегуваат во СДСМ. Настрана што ова е гнасна лага, прашањето е: од каде му се тие информации на Чилиманов? Прво, дали кога веќе невладините се под инспекции на УЈП, не е ли тоа работа на самите инспекции, или работа на Основен или Управен суд да одлучат дали има или нема прелевање на сретства (?); дали можеби некои луѓе од УЈП соработуваат со луѓе од ДБК кои на режимските медиуми им ги пласираат овие неверојатни лаги само да им нанесат штета на угледот на невладните нели, дерејќи директно кон Фондација Отворено Општество – Македонија? Сакам да кажам, какви се тие институции кои додека се’ уште трае постапката, чешлање на документи, трансакции и сл., ти јасно знаеш дека секоја постапка ќе стигне до медиумите во кои ќе те дерат, мрцварат, измислуваат најголеми лаги и клевети. Ако пак има инспекција од институциите на системот, зарем не постои во оваа држава дискреционо право, барем додека трае постапката, такви работи дa не може да стигнат до медиумите…? Прашања, прашања.

Да се вратиме на Воин Димитриевиќ и неговиот клуч за „Сталинистичкиот прототип“: „најлоши се тажните сталинисти, а тоа се оние кои немаат моќ, тие се само публика. Тие ја прифаќаат сета апаратура на сталинистичкиот начин на размислување, немаш право на информација, не треба да размислуваш, немаш ниту догма како начин на размислување, туку имаш она што ти се кажува и тоа слепо го извршуваш, ама во суштина, ти не учествуваш во општеството. Многу полесно ти е да поверуваш во некоја нелогичност отколку во она што е логично и што е многу јасно објасниво“. Сакам да кажам дека се тргува со моќтта. Не може некој да ви даде било што за џабе. Така и УЈП, или ДБК, или медиумите. Не може бре додека трае постапка за „финансиско чешлање на невладини“, некој човек, некое таканаречено „Стоп Сорос“ здружение да ги има сите информации, да има се’ што му е потребно за да може да дере конкретни луѓе на телевизија. Од каде ти се бре, синко мајчин, тие информации? Кој ти ги даде? Кога? Какви се тие институции? Кои се тие луѓе што извршуваат така гнасни и валкани работи за системот?

КУЧЕШКИ ИЛИ ГРАЃАНСКИ MODE

Не треба да си многу умен за да сфатиш дека Груевски ги уништи институциите со оној „кучешки mode“. Знаете, за куче не постои ниту иднина, ниту минато. Тоа живее во овој момент, сега, едноставно дали да го чекаш газдата да ти се врати за пет минути или за пет години, или никогаш – кучето не ја знае таа разлика, може да чека додека не умре, ама тоа сеедно е тука, чека. Ако ти свирнат,  ти си тука, ако не никому ништо. Така и инспекторите на УЈП, тие се тука, ако свирнат „од горе“, од ДБК, океј, тука се, ако не, никому ништо. А пак ние како велиме, „аууу што прекрасни кучиња, колку се верни“. Не, тие само немаат можност да го разберат времето. И како сите ние да живееме во тој „кучешки mode“, а годините во ваква држава ни поминуваат како на кучешки, за една, остаруваме седум години.

На крајот сакам да кажам, кој е тој закон што очигледно полицијата има право да ги собира сите податоци за сите организации? Дали тоа значи дека полицијата има се’ за нас, граѓаните? Ако постои таков закон, ако постои закон дека ти како полиција имаш право во секој момент да собираш информации за сите, тогаш, ја навистина мислам дека на таков закон можат само да позавидат разни диктаторски режими на светот. И ако тоа полицијата го може, тоа ми звучи многу сериозно. А веќе кога е сериозно, кога целиот систем се урушува во себе, тогаш ќе почнеме од почеток. Граѓански. Граѓанското општество ќе биде одбрането, без разлика што тие правеле. Граѓанското општество ќе биде одбрането затоа што тоа е најголемиот човечки и цивилизациски дострел на Европа во 21. век. A Maкедонија географски и вредносно е во Европа, нели?Пишува:

Ненад Јовановиќ,
граѓански активист

 

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести