Финансии: Субвенции неможат да се исплатат поради изборниот закон

Се огласи министерот за финансии Кирил Миноски – главна пречка за исплатата на субвенциите за земјоделците е Изборниот законик. Нема одговор дали Миноски ќе прифати средба со земјоделците за лично да им соопшти зошто исплатата е закочена. Инаку поред членот од законот не смее да се врши исплата на субвенции до формирање на нова Влада, која сеуште не е формирана, јавува ТВ 24.
„Главна пречка за исплатата на субвенциите се одредбите од Изборниот законик. На земјоделците од 2006 до 2016 година им се исплатени милијарда и 55 милиони евра субвенции, пред тоа тие воопшто не добиваа субвенции.Секогаш кога има можност Министерството за Финансии им излегува во пресрет на земјоделците“. – велат од министерството за финансии.
Денеска и министерот за земјоделство Михаил Цветков призна дека исплатата се проблематизира поради Изборниот законик, но уверува дека решение ќе се најде. Отфрли да лицитира со прецизни рокови кога ќе легнат парите на сметките на земјоделците. Но ,тврди пари има, а проблемот е во спротиставеноста на Законот за земјоделство и на Изборниот законик. Цветков најави дека ќе побара средба со министерот Миноски.
„Треба да расчистиме со законот и после тоа ќе започне исплатата на субвенциите. Доколку зависеше од министерството за земјоделие ќе ви кажев, вака не можам ништо.“ – изјави Михаил Цветков, министер за земјоделство
И додека топката се префрла од едно во друго министерство, земјоделците утре излегуваат на протести со блокади на неколку патни правци во земјава и пред Министерството за земјоделство во Скопје. Бараат итна средба со надлежните за лично да им соопштат зошто не им се исплаќаат субвенциите.
Соња Јанковска

Најчитани вести