Александар Зарков, кандидат на ССК за вицепремиерско место

Александар Зарков е кандидат на Сојузот на стопански комори ССК за вицепремиер за економски прашања. Зарков, моментално ја извршува функцијата извршен директор на комората.

Од ССК соопштија дека Зарков ги добил гласовите на Советот на секторските претседатели на комората од повеќе кандидати.

Според мислењето на ССК, лицето кое ќе го застапува приватниот сектор треба да биде избрано со консензус и  треба да биде професионалец со повеќегодишно искуство и активно учество во застапување и промовирање на интересите на деловната заедница без посебен акцент на одреден сектор од стопанството, како би ги застапувал подеднакво сите сектори.

Истовремено, сметаат од ССК, претставникот на бизнисот во Владата не треба да биде политички ангажман и да не е член во ниту една политичка партија во Република Македoнија.

„Новиот вицепремиер за економски прашања во Владата на Република Македонија на предлог на стопанските комори треба да делува во насока на креирање на стратегија за развој на приватниот сектор, зголемување на продуктивноста и на бројот на вработувањата во стопанството, како и подобрување на деловното опкружување и овозможување негов раст и развој“, сметаат од ССК.

Вицепремиерот предложен од бизнис заедницата, велат од ССК, ќе претставува клучна алка помеѓу приватниот сектор и институциите, ќе обезбедува дополнителна стабилност и ќе спроведува мерки за подобрување на условите за раст и развој

По најавата за визепремиерско место од редовите на бизнис заедницата во составот на новата влада, прва пред официјално се огласи Стопанската Комора на северо-западна Македонија. Таа пред два дена го предложи својот претседател, Неби Хоџа за иден вице-премиер во кабинетот на Зоран Заев кој се уште се договара.

Од најстарата , Стопанската Комора на Македонија, велат дека со новата влада ќе активно соработуваат за подобрување на деловната. Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на комората, вчера изјави дека се уште нема официјален кандидат за местото заменик премиер за економски прашања. Неофицијално од оваа Комора излезе и името на Кочо анѓушев за иден вицепремиер.

 

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести