„Беверли Хилс“ беше една од најпопуларните серии кои некогаш се давале на нашите телевизии. Покрај тинејџерската публика, американската серија ја гледаа и повозрасните почнувајќи од 1990, па се до 2000 година. Во Македонија за жал, никогаш не успеавме да ја догледаме до крај, па се снаоѓавме со алтернативни мерки како гледање на телевизијата РТЛ, со германска синхронизација.
Пред неколку години пробаа повторно да направат нешто слично, насловено само како „90210“, но римејкот на култната серија не го постигна успехот на оригиналната верзија. Актерите кои ги толкуваа главните улоги во тоа време беа мега популарни, но денеска е поинаку. Повеќето од нив веќе не добиваат улоги во Холивуд.

Џени Гарт глумицата која ја играше Кели Тејлор повеќе не е проблематична тинејџерка која ги краде дечковците на другарките.

Денеска Џени е сопруга и мајка на три деца. Во брак е со Дејв Абрамс кој е доста помлад од неа, а трите керќи и се од првиот брак. Со колешката Тори Спелинг се уште се најдобри другарки и во приватниот живот, а пред три години имаа и заедничка серија „Мистериозни девојки“ во која глумеа детективки кои имаат своја приватна агенција.



Тори Спелинг или попозната како Дона Мартин постојано беше мета на злобните јазици кои и префрлаа дека улогата ја добила само поради тоа што нејзиниот татко Арон Спелинг беше автор и продуцент на „Беверли Хилс“.

Денеска Тори се уште во јавноста е најпозната по улогата на наивната и добродушна Дона, а малкумина знаат дека нејзиното вистинско име е Викторија. Кога Арон почина, веднаш се прошири веста дека нејзината мајка Кенди го наследила целото богатство од 500 милиони евра, а на Тори и братот Ренди им дала само по 800 000 долари. Спелинг е во брак со Дин Мекдермот со кого имаат пет деца.



Шенон Доерти или Бренда Волш, моментално е во најтешка ситуација. Иако доживеа најголема слава и имаше повеќе главни улоги од своите колеги, нарушеното здравје и ги расипа сите планови. Најпрво се разболела од Кронова болест во 1999 година ,а во 2015 и од рак на градите кој беше пронајден во поодмината фаза, но со нејзината храброст и упорност успеа да ја победи најлошата болест на денешницата.

По две години борба, конечно Доерти е во фаза на ремисија, што значи дека ракот се повлекува. 46-годишната актерка по „Беверли Хилс“ беше актуелна и со улогата во „Волшебнички“, тв серија која се емитуваше и кај нас. Мажена е за фотографот Курт Ишвариенко кој и беше најголема поддршка во тешкиот период на зрачења и хемотерапии.



Дилан Меккеј беше момчето по кое воздивнуваа сите девојки, игран од актерот Лук Пери.
Има 51 година и се уште изгледа секси. Актуелен е со серијата „Ривердејл“ каде што, замислете глуми татко на тинејџер каков што беше тој во „Беверли Хилс“. Со екс сопругата Рејчел има две деца, а од разводот во 2003 година досега немал ниту една посериозна врска. Иако во серијата беше постојано неодлучен дали да биде со Бренда или со Кели, во реалноста тој ретко може да се забележи со девојки воопшто.



Џејсон Присли или познат како Брендон Волш, близнакот на Бренда иако остарен, се уште шармира со неговиот изглед и сини очи.
Има две деца и во брак е со Наоми Присли, а актерската кариера ја продолжи со улоги во низа телевизиски серии. Покрај глумата, Џејсон се занимаваше и со автомобилизам и беше доста успешен во Инди Про, но по страшната сообраќајна несреќа што ја имаше во 2011 година се откажа од мото спортот.



Стив Сандерс дефинитивно беше еден од најпозитивните ликови во серијата. Иако разглаен богаташ, секогаш важеше за најшармантиот и најсмешниот во друштвото.

Актерот кој го толкуваше ликот на Стив, Јан Зиринг последниве години е актуелен со улогата во петте делови на филмот „Шаркнадо“ бизарна приказна за торнада пропратени со ајкули кои летаат на сите страни. За своите 53 години изгледа неверојатно младо. Со сопругата Елен Лудвиг има две ќерки, а своето згодно тело го одржува со постојани тренинзи. Јан дури беше дел и од најпознатите стриптизери на светот- „Чипендејлс“ кои неодамна гостуваа во Скопје, а во музичкото шоу „Танц со ѕвездите“ стигна до полуфиналето.


Габриел Картерис која ја толкуваше Андреа Цукерман е најстара меѓу своите колеги од „Беверли Хилс“.
Денеска има 56 години, лидер е на Трговската унија и претседател на Саг-Афтра унијата на актери. Од 1992 година е во брак со Чарлс Ајзакс и имаат две деца. Интересно е тоа што на 29 години во серијата толкуваше 15-годишна тинејџерка, а за ова подоцна се правеа шеги и пародии во „Симпсонови“, „Саут Парк“ и други комични серии.


На Брајан Остин Грин сите му завидуваат бидејќи ја ожени некогаш најубавата жена на светот Меган Фокс. За разлика од Брајан, неговиот лик Дејвид Силвер беше срамежлив и во врска со мирната Дона.
Со Меган има три деца и едно од првиот брак со колешката од „Беверли Хилс“- Ванеса Марчил. Откога ја ожени згодната актерка, папараците станаа нераскинлив дел од нивниот живот, а темпераментот и љубомората на Брајан му донесоа неколку тужби од фотографи кои ги нападнал поради како што тој вели нарушување на неговиот мир.



Извор: Македонија денес


