ТВ 24: Блокада на железничкиот сообраќај

Наместо метеж од патници, багаж и возови, железничката станица денеска беше празна и тивка.Возовите не поминаа низ пероните за да соберат патници. Сликата на железничката станица во Скопје беше сосема променета, откако машиновозачите најавија дека нема да ги управуваат локомотивите, бидејќи останале без плата за април и мај, јавува Телевизија 24.

Термините за тргнување на возовите на информативните екрани останаа непроменети иако железничкиот сообраќај од денеска е во прекин. Протестот на вработените во Македонски железници ги испразни чекалните и пероните на железничката станица во Скопје. Вработените на билетарите велат дека патниците се спасиле од бесцелно чекање, бидејќи најголемиот дел од нив биле веќе запознаени со прекинот во железничкиот сообраќај.

Ниту еден од возовите на релација од Скопје до другите градови од земјава, од денеска, нема да сообраќа се додека барањата на вработените во Македонски железници не се исполнат. На време единствено ќе тргнат возовите до Белград и Солун. Машиновозачите си го бараат сработеното, а на патниците им порачаа да бидат трпеливи.

„Решение може да се изнајде доколку има слух и разбирање. Тоа можеше да се среди во компанијат, а не да излегува надвор. Нашиот став е непроменет и нема да ги исполнуваме нашите обврски се до исполнување на нашите барања.“, изјави Душко Чакаровски, претставник на машински персонал.

Преку протестот, вработените сакаат да извршат притисок до раководството за да им го исплати вториот дел од априлската плата и целосната плата за мај. Освен тоа бараат и да се изработи правилник за наградување на работници, за да се избегне селективно вреднување. Ова инаку не е прв протест на машинскиот персонал. Тие протестираа и во февруари барајќи да им биде исплатена јануарската плата, што резултираше со оставката на тогашниот директор, Никола Костов.

Најнови вести

Најново од Економија, Ударни вести

Најчитани вести