Во октомври ќе биде воведена дневна евтина тарифа на струјата, најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Во тек се анализи и пресметки како тоа да се спроведе во согласност со европските правила, но и технички поради прештелување на борилата. Уверува дека евтината тарифа ќе важи за сите.
„Од октомври кога на граѓаните им е најпотребна оваа тарифа, до тој период ќе успееме таа мерка да ја имплементираме“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Првиот човек на Европската Енергетска Заедница, Јанез Копач, за Телевизија 24 изјави дека мерката не е во спротивност со европските правила, но само ако е привремена и насочена кон социјално ранливите категории.
„Таква мерка, како е привремена, иако е насочена само кон социјално ранливите потрошувачи, не е спротивна на правниот поредок на енергетската заедница, но треба да се види како е дефинирана. не гледам проблем зошто да не се разговара околу тоа“, изјави Јанез Копач, директор на Европска енергетска заедница.
Од дистрибутерот ЕВН велат дека приспособувањето на броилата ќе зависи од моделот на имплементација на евтината тарифа. Посочуваат дека станува збор за краткорочна транзициона мерка што ќе биде на сила додека целосно не се отвори пазарот на струја.
„Во однос на воведување на дневна ефтина тарифа, треба да се разгледаат неколку аспекти. Доколку се настојува истата да биде имплементирана, би била само како краткорочна транзициска мерка до моментот на либерализација на пазарот на електрична енргија за домаќинства. На отворен пазар, цените и тарифите не се регулирани од државата, туку истите се базираат на пазарните услови и се предмет на договор помеѓу снабдувачи и потрошувачи. Понатаму, времето за кое ќе биде имплементирана дневна ефтина тарифа треба да биде во согласност со времето кога има расположлива и поефтина електрична енергија со цел да се избегнат дополнителни трошоци за увоз на електрична енергија. Конечно, трошоците за имплементација на мерката треба соодветно да бидат надоместени. Технички гледано, ЕВН е спремна да ја имплементира мерката, каде што времето за приспособување на броилата ќе зависи од моделот на кој истата ќе биде имплементирана.“ – велат од ЕВН.
Енергетската заедница очекува новата влада да ги одмрзне енергетските реформи меѓу кои и да го забрза процесот на отворање на пазарот на електрична енергија, што претходнста влада го одложи до 2020 година за кога секое домаќинство ќе може да одлучи од каде ќе купува струја. Вицепремерот Анѓушев посочи дека постојат модели како тоа да се спроведе, но сеуште не е прецизирана динамиката. Од ЕВН велат дека се подготвени за целосно либерализација без оглед дали веднаш ќе се случи или во етапи.
„Либерализацијата мора да продолжи и главните победници ќе бидат пред се, малите и средните фирми што се оптоварени со големи обврски за субвенционирање на другите сектори.“, изјави Јанез Копач.
„Забрзувањето може да се направи на два начина или наеднаш да се пушти целиот пазар. Или тој рок што е нагодина дена, да се помести да биде на шест месеци. ќе внимаваме ова да не го почувствуваат граѓаните.“, изјави Кочо Анѓушев.
Регулаторната комисија за енергетика во 2012 година ја укина дневната евтина тарифа со образложение дека со овој потег ќе се намалат трошоците за увоз. Враќањето на дневната ефтина тарифа е едно од ветувањата на новата влада што го испорача пред гласачите во предизборниот период.


