КОЧО АНЃУШЕВ: САМО СО ГОЛЕМИ И МОЌНИ КОМПАНИИ, МОЖЕМЕ ДА ИМАМЕ СИЛНА ЕКОНОМИЈА И СРЕЌНИ ВРАБОТЕНИ

Ви пренесуваме дел од интервјуто на вицепремиерот Кочо Анѓушев за „Капитал“:

Колку всушност може да направите реформа на буџетот за да може да ги спроведете реформите за коишто зборувавме?

Платите на администрацијата и пензиите нема да бидат доведени во прашање. Е сега прашањето е колку остануваат после тоа пари.. За жал, не многу. Ние сè уште немаме јасен пресек на обврските што се преземени.. Вие знаете дека многу тендери беа така распишувани, што обврските доаѓаат после две, после три години.. Тие обврски сега доаѓаат. Ние во моментов правиме реален пресек, но сакам македонската јавност да знае дека ние овде се соочуваме со сериозни опструкции од администрацијата. Еве јас, како потпретседател на Владата, една недела чекав компјутер да ми доделат, две недели да ми отворат службена имејл адреса. Договорите за странските инвестиции сè уште ги чекам. Но, ќе се менуваат работите, ќе дојдеме до податоци. За кусо време ќе имаме слика каква е состојбата во буџетот, но ние мораме да мислиме и на развојната компонента, не само на платите и пензиите.

Имате план како ќе го направите тоа, кои опции стојат на располагање?

Прво, мора да ги запреме непродуктивните трошења, значи ќе има кратење на одредени ставки. Видете, сите оние фасади, споменици  и сл., биле водени под капитални инвестиции, а тоа не се капитални инвестиции. Капиталните инвестиции мора да бидат финансиски одржливи на долг рок. Иако вие ангажирате градежни фирми, но перспективно правите нов трошок, не правите нешто што ќе носи пари. Ние ќе влегуваме во капитални инвестиции што носат пари, а тоа е инфраструктура пред сè – патишта, гасоводи, далекуводи… Видете, ние се затрупавме во ѓубре во Македонија, почнаа да се палат депониите. Ќе гледаме во регионалните депонии да се направат проекти што ќе бидат всушност бизнис – рециклирање, производство на струја од отпад, итн. Имаше такви најави за бизнис во скопската депонија Дрисла, но досега не чувме дека нешто се случува, напротив, чувме само за проблеми и судски спорови.  Фирмите со коишто оваа влада ќе работи нема да бидат некои фантомски, непознати, политички и  наменски креирани, туку првокласни компании од развиените земји, коишто навистина ќе ги реализираат проектите.

Значи, во делот на капиталните инвестиции тоа што го имаме во буџетот планирано, ќе гледаме да го реализираме колку што можеме повеќе, но во продуктивни проекти, а во делот на непродуктивните проекти ќе запреме. Нормално, постоечкиот буџет нема да биде доволен за да се обезбеди потребниот раст на економијата, ќе треба да се задолжуваме, но тие пари од задолжувањата ќе ги трошиме исклучиво во продуктивни проекти, затоа што ние немаме право на нови грешки!

А математиките што покажуваат, дали може тие дополнителни средства да се обезбедат со зголемување на даноците?

Владата јасно кажа дека нема да го менува ДДВ-то и корпоративниот данок, туку планираме да интервенираме во персоналниот данок, што го плаќаме сите. Најголемиот дел граѓаните нема да бидат засегнати од ова, туку правиме анализа за да  видиме над кои лимити колку тоа зголемување ќе влијае во буџетот. Значи, планот е, над одредени нивоа на доход, да се плаќа 18%, наместо досегашните 10%. И јас сум меѓу тие што ќе плаќаат 18% заради сопственоста што ја имам, дивиденди итн.. И јас тоа го прифаќам со радост, ако е тоа за доброто на луѓето и доброто на државата. Не размислувам себично дека тоа е зафаќање од мојата заработка, нема проблем, нека биде, ако е тоа за доброто на буџетот, за државата и за зголемување на општата благосостојба.

Како човек што доаѓа од бизнисот, кои се најголемите проблеми со коишто се соочуваат компаниите, а врз коишто Владата може да влијае?

Бизнисот прво треба да се ослободи од политиката. Државата може да се меша само во капиталните инвестиции, за сè друго треба да го ослободи бизнисот и да презема мерки со коишто само може да го олесни амбиентот, а не обратно. Кај нас досега ситуацијата беше дека сè зависи од државата, да не речам од неколку луѓе. Прво, таа фама мора да се расчисти.

Второ, мора да се престане со формирање политички фирми, затоа што кога создавате вакви фирми правите две штети: кога фаворизирате една компанија, правите нелојална конкуренција на оној што може да работи успешно по пазарни принципи, и му го спречувате развојот, а овој првиот вештачки го растете. И потоа, кога ќе престане со политичката поддршка, дотогаш фаворизираната компанија нема да може да работи, затоа што ако била способна за тоа, таа и претходно успешно ќе работела. И така ќе имате две пропаднати фирми: и таа со политичка поддршка, и оваа втората, која сте ја спречиле да расте. Зад вас сте оставиле пустош. Мора да ги оставите фирмите да растат природно, и оние што се добри, да го носат развојот на економијата.

Ќе ви дадам наједноставен пример: ако сакате да ставите фотоволтаик на вашата куќа, треба да ја поминете бирократијата и процедурите  како да правите термоелектрана од 100 мегавати. Тоа не смее така да биде. Вам мора да ви дозволиме да ставите фотоволтаик со градежната дозвола и толку. Треба да имате двонасочно броило и работата е решена. Имам многу вакви примери… Значи, ако сакате нешто да развивате, мора да го ослободите. А, не декларативно да се изјаснувате дека сте за развој на нешто, а всушност на терен работите во спротивна насока.

Состојбата со неликвидноста и доцнењето во плаќањето е прилично алармантна. Планирате ли некои решенија за средување на плаќањата?

Државата и семејството различно размислуваат. Семејството гледа да заштеди за црни денови, државата мора да ги пушти парите во оптек, за да може економијата да функционира. Ние го направивме токму тоа, ако забележавте, во првите денови од нашето управување, пуштивме два пати ДДВ назад кај фирмите. Јас не сакам никој да аплаудира за тоа, затоа што тоа е законска обврска. Меѓутоа ако државата ги држи парите и не ги враќате во економијата, ја загушува економијата. Ние не може да влијаеме врз тоа како фирмите ќе си плаќаат меѓусебно, но како држава можеме да се трудиме барем нашите обврски кон компаниите да ги извршуваме на време. Затоа што, досега знаете како беше: платете си вие во рок од 20 или 50 дена –  и тоа државата ви кажува тоа да го направите, а не е нејзина работа да се меша во односите меѓу вас како компании – а таа самата ги држи парите и нејзините обврски не ги плаќа. Затоа ние ќе гледаме ние да бидеме одговорни кон реалниот сектор, за да може потоа и компаниите да си ги извршуваат своите обврски кон своите добавувачи, но и кон буџетот, навремено.

Имате ли пресметки колкави се недостасаните и неисплатени фактури од државата кон фирмите?

Не можам да ви дадам одговор во моментов, затоа што ги правиме анализите сè уште… Има многу ситуации, на пример,  во градежните проекти што допрва достасуваат – во градењето знаеме дека секоја ситуација е фактура. Допрва очекуваме таа документација да пристигне и да знаеме на што сме.

Каде очекувате најголеми предизвици во спроведувањето на економската програма? Во јавноста се појавува и перцепција дека и внатре во Владата има извесно разногласие околу економските политики и сл.?

Не очекувам проблеми внатре во Владата, во смисла на наводното разногласие околу политиките. Според мене, моделот дека интересот на бизнисот и на вработените е различен е застарен модел. Јас така не гледам на работите, затоа што само среќни вработени прават добра фирма. Кој е тој добар бизнисмен што не сака да ги плати своите вработени и да ги задржи добрите работници?

Најголеми проблеми очекувам во некакви рецидиви од претходното владеење. Еве сега ме информираа дека врз основа на еден спор околу проектот ХЕЦ Св.Петка и инатење на претходната гарнитура, изведувачот словенечки Рико добил на меѓународен арбитрарен суд спор против Македонија, и сега треба државата тоа да го плати. Имаме еден голем судски спор со германска компанија во врска со нивното ангажирање за  реконструкција на трите котли во РЕК Битола, којшто се води на меѓународен суд. Не знаеме што ќе нè снајде таму… Потоа спорот за рушењето на градежниот објект Космос, којшто исто така се води пред меѓународен суд за човекови права во Стразбур, не знаеме и таму како ќе излезе и колку државата ќе треба да плати евентуална отштета. А тоа не се мали пари за буџетот.

Целото интервју на „Капитал“ на следниот линк.

Најнови вести

Најново од Економија, Ударни вести

Најчитани вести