Заев вети отворена врата за бизнисот, повеќе пари за капитални инвестиции

Изготвување долгорочна стратегија за постигнување стапка на економски раст меѓу пет и седум отсто во наредните 10 години, воспоставување договор меѓу јавниот и приватниот сектор за регулирање на односите со Владата и другите државни органи, консултирање на бизнис заедницата при донесување именување на правната регулатива, владеење на правото, загарантирана приватна сопственост, поголем пристап до финансирање на компаниите и подобрување на ликвидноста, лојална конкуренција, унапредување на системот за образование и продуктивноста на работната сила, се само дел од предлозите што ги изнесе денеска Стопанската комора на Македонија пред Економскиот владин тим предводен од премиерот Зоран Заев.

На работната средба во Комората, компаниите побараа што поскоро спроведување попис на населението, а со тоа, како што рекоа, и попис на сите економски релевантни показатели како единствена појдовна основа за планирање, проектирање и преземање конкретни реформски чекори во економијата.

Премиерот Заев, пак, побара силна поддршка и соработка од бизнис секторот за заедничко креирање на политиките.

– Имаме амбициозни и добро мотивирани министри, економските ресори во Владата функционираат беспрекорно, голема е желбата да бидеме сервис на бизнисот и на граѓаните, истакна Заев.

Добредојдени се, потенцира, сите критики, предлози и сугестии до власта во насока на што подобра, развиена и конкурентна економија.

И вицепремиерот Кочо Анѓушев подвлече дека во Владата има огромна желба да му се помогне на стопанството, а основните постулати  во работењето ќе базираат на поттикнување извозно ориентирани компании чија основна тенденција е пораст, зголемување на капацитетите и освојување нови пазари.

Анѓушев уште еднаш порача дека странските инвеститори во Македонија се добредојдени, поддршката за нив продолжува, но ќе се прават максимални напори за интензивирање на соработката со домашните фирми.

– Нема да вршиме притисок врз странските инвеститори, туку ќе работиме со домашните компании за да го зголемиме нивниот капацитет и тие да бидат главни партнери на странските инвеститори, рече Анѓушев, напоменувајќи дека сите мерки што важат за странските, ќе важат и за домашните инвеститори.

Вицепремиерот најави и широка дебата за енергетиката со цел, како што истакна, да се направи приоритет на проекти и избор на најодржливите меѓу нив.

На прашање на стопанствениците, одговараа и министрите за финансии и за транспорт и врски, Драган Тевдовски и Горан Сугарески, а на работната средба присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Љупчо Николовски.

Најнови вести

Најново од Економија, Ударни вести

Најчитани вести