Перо Костадинов: Да бидеме силни индивидуи!

Зошто сте програмирани постојано да ги дисквалификувате другите луѓе? Зошто сметате дека вие би пораснале ако везден ги омаловажувате луѓето околу вас? Сте помислиле ли што добивате, а што губите со тоа? Која е причината за тоа? Зошто ви е полесно некого да понижите отколку да му подадете рака? Зошто?

Затоа што сте несреќни. Затоа што сте ја изгубиле сопствената суштина. Немате самодоверба, немате свои репрезентативни цели, немате емпатија, па и крвта дури ви се заледува кога гледате како некој друг успева и го добива она што и вие го сакате. Преокупирани сте со мислењето што другите го имаат за вас. Опседнати сте некому да се докажувате. Непрекинато глумите дека сте битни. Па, паѓате во депресија. Се фрустрирате. Па дополнително, уште повеќе се комплексирате.

Ова е еден од најголемите проблеми со кое се соочува нашето современо општество. Губењето на индивидуата. Губењето на силната индивидуа која се карактеризира со свои сопствени цели, енергија и автентичност. Силна индивидуа која работејќи на својот сопствен интерес постојано би го подобрувала севкупниот колективен интерес и општествен прогрес. Наместо тоа, се соочуваме со луѓе полни со страв, гнев и апатија. Максимално инертни и фрустрирани, и кои за својата лична неумешност, неуспешност и состојба по дифолт, секогаш ги обвинуваат и дисквалификуваат другите.

Колективниот аутпут и синергија која што се создава како резултат на недостатокот на силни индивидуи е ретроградното општество коешто постојано омалаксува и слабее. Општество полно со летаргија и омраза. Со малку хуманост, а многу лажна солидарност и ПР емпатија. Недостатокот на силни индивидуи изминатиот период создаваше општество полно со неодговорни политичари, расипани духовници и индиферентни граѓани. Општество кое беше плодна почва за инсталирање на семето на неписменоста, деликвентноста и злото. Како би се променила оваа стравотна општествена состојба? Како?

За да се случи колективната катарза претходно мора да се случат мал милион на индивидуални катарзи. Личното освестување и отрезнување е првиот предуслов за излез од овој безизлез. Поставувањето на општествената рамнотежа е возможна само преку прочистување и поставување на индивидуалниот душевен баланс. Ослободувањето од стравот, напуштањето на гневот и заменувањето на омразата со емпатија ќе бидат возможни само кога луѓето претворени во “бела техника” ќе застанат пред сопственото огледало, ќе си “врзат” неколку силни шамари и ќе речат: “јас сум магаре”.

Да го направиме тоа! Нема да умреме напротив ќе оживееме! Ќе оживееме и ќе спознаеме дека за нашата состојба не е виновен никој друг освен самите ние. Дека наведнувајќи ја главата пред замислените божества и височества само сме успеале само да се изгубиме и да се деградираме себеси. Ќе спознаеме дека сме биле преполнети со неспознаениот, со егоистичниот себе. Со изгубениот себе. Дека поради тоа сме биле суштински празни. Па, сме ги обвинувале другите, сме ги мразеле успешните и сме им завидувале на слободните. Сме копнееле да бидеме битни. Сме граделе митови и лажно сме се претставувале. А, во суштина сме биле само несреќни. Затоа, прифаќањето на одговорноста, спознавањето на самите себеси и фокусирањето единствено на нашите сопствени и суштински цели може да продуцира нова енергија. Да донесе промени. Да генерира нова синергија. Далеку попрогресивна, поемпатична и посимпатична!
Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести