Рамковски: Видовме што значи кога државата ќе ја изгуби демократијата, да не ни се повтори веќе такво нешто

Дел од интервјуто на Велија Рамковски за “Слободен печат”:

Во она време, Вие бевте алфа и омега во А1 телевизија. Во нејзиниот растеж се вложивте до последен здив, со сета своја умешност, знаење и посветеност, а на крајот и со Вашето присуство. Владеевте, ако така може да се каже, неприкосновено. Ако се остварат плановите за обнова на телевизијата, повторно ли ќе бидете во истата ролја?

– Прво, мене како лик никогаш веќе нема да ме има. Второ, на моите најблиски соработници, уште во Шутка, во оној страшен амбиент, на затворени мајки на деца што си ги оставија дома, на татковци со напуштени фамилии, власта им нудеше да потпишат изјави дека јас сум виновен за сè и дека сум криминалец над криминалците, за да ги пуштат на слобода. Само еден од нив самиот си се понуди да игра таква улога. Но, ниеден од другите не потпиша таква изјава и се определија да се мачат заедно со мене. Се гледавме во судот, потоа во затворот. Не само што тие не ми префрлаа со поглед дека јас сум виновен за нивната судбина, туку и нивните фамилии не ме гледаа со лоши очи. Многу ми значеше тоа. Многу. Дел од она што успеав останав здрав и прав се должи на нивната целосна, апсолутна поддршка и охрабрување.
Тие ќе бидат акционери во телевизијата. Заедно со жртвите, уште една категорија луѓе заслужуваат заедно да го имаат пакетот од над 51 отсто од сопствеништвото на обновената А1 телевизија – тоа се десет до петнаесет новинари, за кои сметам дека беа еднакво храбри, издржливи, професионални и кои се бореа против режимот и заслужуваат да бидат сопственици. Во статутот на А1 телевизија тие ќе го добијат стопроцентното право да одлучуваат за нејзината уредувачка политика. Многу ми е драго што има такви луѓе, спремни да се изложат и на опасност заради професијата и заради чувството на правдина. Ете, од нив ќе барам да не ми дозволат да се појавам на екранот.

Ако опстоите на оваа идеја, тоа ќе биде еден несекојдневен потег, можеби почеток на една оригинална медиумска авантура, една нова „битка за душата“, како што умеевте да кажете на времето…

– Јас сè правам од душата и за душата. Јас ова за себе го правам. Оти така ми е убаво. Ама мислам дека правам убаво и за душите на сите луѓе за кои зборувам. А најмногу ќе ми значи да направам нешто убаво за душите на гледачите. Тие седум години ја носат А1, ја имаат во срцата.

Господине Рамковски, почнувате практично од почеток, во многу аспекти на Вашето живеење.. Потребни сте му на Вашето семејство, на децата, на внуците… После оваа голгота што ја преживеавте, без оглед на плановите, ќе Ве имаат ли Вашите најблиски повеќе?

– Еднаш Вие ја пренесовте мојата изјава дека планирам да живеам 101 година. Сега си мислам дека и тоа ќе ми биде малку, кога гледам колку е животот убав. Да, на возраст од 71 година, јас пак сум на некаков почеток, да можам како човек да помогнам, да докажам и да се покажам, да бидам потребен. Најголемата награда ми е тоа што овие седум години ме доведоа во ситуација овие денови и тие околу мене да се чувствуваат убаво. Сега сите на иднината гледаме со оптимизам.
Велите, почеток е, ама и не е почеток. Еве, разговараме, а како тоа да не е почеток, туку продолжеток. Продолжуваме каде што застанавме. Ама ако веќе продолжуваме, зошто да не го направиме подобро? Ова што го зборувам за сопствеништвото на А1, тоа не е авантуризам. Тоа ќе биде реалност. Јас не сакам поинаку. Би било неправедно поинаку да биде. Во крајна линија, нека биде ова еден конкретен чекор во реформата на медиумите, во зајакнување на новинарството, како основа за зајакнување на демократијата. Видовме што значи кога државата ќе ја изгуби демократијата. Да не ни се повтори веќе такво нешто.

Целото интервју можете да го прочитате тука.
(Објавено во „Слободен печат“)

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести