Со г-н Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој разговараме за идниот развој на оваа млада институција, за модалитетите како ќе се зголемува иновативниот капацитет на македонската економија, за формирањето акцелератор и многу други важни теми
- Г-не Деспотовски, од неодамна Вие сте прв човек на Фондот за иновации и технолошки развој, релативно нова и млада институција со клучна визија да го зголеми иновативниот капацитет на македонската економија. Која е Вашата визија и личен предизвик на оваа позиција?
Фондот за иновации и технолошки развој е релативно млада институција, формирана во 2014 година со обезбедени средства од околу 9,5 милиони евра од Светска банка наменети за грантови за нашите апликанти. Во изминативе три години, за жал, не се искористени многу средствата, само 9% иако станува збор за неповратни средства. Мој личен стремеж ќе биде, додека трае договорот со Светска банка, до средината на 2019 година, да успееме останатите 8 милиони евра да ги доделиме на апликанти кои ќе достават квалитетни предлози. Ова е првиот предизвик. Вториот предизвик, кој е исто толку важен, е да обезбедиме останати извори на финансирање за Фондот да биде долгорочно одржлив. Во разговори сме со Владата, односно и со премиерот и со министерот за финансии кои покажуваат подготвеност за зајакнување на функцијата на Фондот, преку обезбедување на буџетски средства.
Кога зборуваме за одржливост мислам и на средства кои ќе доаѓаат и од приватни инвеститори. Од останатите развиени економии каде многу се инвестира во технолошки развој, како Германија, САД, Кина, постојано доаѓа пораката дека приватните инвеститори го имаат главниот збор во овој вид на финансирање. Во овој правец, една од нашите среднорочни цели е да оствариме соработка и да ги поттикнеме големите инвестициски фондови од Европа и светот да дојдат во Македонија. Отворени сме за различни соработки со цел да го зголемиме присуството на приватен капитал во финансирање на иновациите во технолошкиот развој.
- Кои според вас се клучните предизвици и проблеми кои треба да се надминат да има поголема искористеност на средствата од Фондот?
За поголема искористеност мислам дека клучна е информираноста и перцепцијата на нашите потенцијални корисници, од студенти до веќе етаблирани компании во сите сектори. Наш предизвик е да се создаде перцепцијата дека секој може да биде иноватор, особено оној кој може да понуди иновативно решение за проблем кој е секојдневен. Кога зборуваме за целни групи мислиме на завршените и незавршени студенти, микро компании или стартапи, како и веќе етаблирани компании кои имаат желба да вложат во иновативни технологии, односно во решенија и концепти кои се нови и моментално не се применети во македонската економија.
Не мислам дека во Македонија можеме да измислиме нешто што не е измислено некаде во светот. Тоа не е ниту нашата цел. Идејата е преку иновативен пристап да поттикнеме поголем технолошки развој.
- Ценејќи според постигнатите резултати на досегашните проекти, како го гледате иновативниот капацитет на македонските компании. Се забележува ли подинамичен развој на иновативните проекти?
Има, да. Од досегашните три повици за доделување на грантови можам да кажам дека има навистина одлични идеи кои заслужуваат и повеќе од она што го добиле од Фондот.
Интервјуто во целост на inovativnost.mk/


