Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска присуствуваше во Кочани на манифестацијата „Денови на македонскиот мед Кочани 2017“.
Манифестацијата претставува одлична можност граѓаните да се запознаат со врвните македонски пчелни производи, а за пчеларите, да разменат искуства кои ќе им помогнат во унапредување на производството.
Пчеларството е гранка која има посебен придонес во земјоделскиот сектор, од една страна поради големото биолошко значење на медоносните пчели при опрашување на фуражните, индустриските и овошните култури, а од друга страна од пчеларството произлегуваат високо вредни пчелни производи.

– Свесни сме дека годинава, од аспект на временските прилики, беше исклучително лоша за целиот земјоделски сектор, вклучително и за пчеларството, кое што претрпе големи штети поради екстремно ниските температури и поради сушата. Како ресорно министерство сме во постојан контакт со пчеларските здруженија, со цел да изнајдеме соодветни мерки за решавање на проблемите, кои што ќе бидат во корист на пчеларите – истакна Николовски.
Тој напомена дека со доаѓањетона чело на министерството, меѓу првите исплати што беа спроведени, беа субвенциите за пчеларите. Паралелно се делува и на справување со нелојалната конкуренција, која што им создава дополнителни проблеми на пчеларите.
– Нашата заложба за развој на оваа значајна стопанска гранка, ќе ја продолжиме и во следниот период, преку продолжување на финансиката поддршка за пчеларството со мерките во Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – рече Николовски.
Македонија има одлични природни услови за развој на пчеларството, но неопходни се соодветни системски мерки за комплетно искористување на природните потенцијали во полза на пчеларството, на што министерството ќе посвети сериозно внимание, креирајќи идни политики во насока на развој, унапредување и создавање на конкурентни производи со висока додадена вредност, истакна министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на манифестацијата „Денови на македонскиот мед Кочани 2017“.


