– Дел од мерењата сакав да ги правам што поблиску до Јужниот односно Северниот пол, бидејќи на тие локации знаев дека ќе имам помала помала прецизност за GPS методот што го направивме. Така се одлучив за Австралија и Аргентина. Се разбира дел од истражувањата ги правев и во Охрид, каде заедно со нуркачкиот тим на клубот „Амфора“ направивме феноменални мерења. За да ги направам нив носам опрема со тежина од околу 30 килограми, изјави Груев, со забелешка дека од сите места во светот каде вршел мерења проблем со опремата имал единствено на скопскиот аеродром, каде никој не му верувал дека се работи за негов изум…
Откритието на Груев може да отвори широк спектар за практична употреба на системот за глобално позиционирање, нови хоризонти во искористувањето на поларизираната светлина при подводното позиционирање.
– Со нашиот метод може да се разработи систем за лоцирање исчезнати авиони, а електронска опрема со сензори врз база на користење податоци добиени преку поларизацијата на светлината можат да бидат релативно евтин начин за подводни истражувања, секако далеку поефикасна од постоечката, вели Груев.
Една од неговите замисли е да се направи минијатурна верзија на неговата камера во која ќе има доста сензори, како на пример за мониторирање на загаденоста на водата. Минијатурната платформа ќе може да определи колкава е загаденоста на Охридското Езеро и како се менуваат параметрите во текот на целата година.
– Насекаде гледаме промени во климата, вклучувајќи силни ветрови што носат песок од Сахара во езерото. Каков е ефектот на сите тие промени врз подводниот свет на езерото не е познато. Што можеме ние да направиме за да ја заштитиме таа оаза што ја имаме во Охрид? Со помош на оваа и слични технологии можеме да имаме позитивен импакт, изјави професор Груев.
Исто така методата може да се искористи и научни цели, за следење и утврдување на начинот на кој се одвиваат миграциските процеси кај одредени видови морски животни.
– Желките или јагулите веројатно поседуваат органи и сетила што им помагат шри миграцијата во текот на нивниот животен циклус, помагајќи им просторно да се снаоѓаат низ огромните водни пространства и непогрешливо да дојдат до местото каде се размножуваат или точно на самото место каде се родиле. Охридската јагула е еден пример на животно кое патува до Саргасовато Море и назад. Кој е начинот на навигација кај тие животни да одат од Охрид дури до Карибите? Можеби користат комбинација на мaгнетни сензори и сетила за мирис во тој процес, но секако тука се отвара и можноста да го користат токму и начинот што ние го разработуваме – визуелна навигација преку информациите добиени од поларизирањето на светлината, вели Груев.
Друг аспект на практична употреба на новата технологија би бил потенцијалот за истражување на начинот на кој загадувањето на морињата и океаните влијаат врз миграторните рути кај организмите чии сетила за вид функционираат врз база на поларизираната светлина. Можеби и примерите на насукување на китови на некои плажи во светот каде никогаш претходно не се забележани се токму последица на нивната збунетост предизвикана од загадувањето на морињата што прави збрка во начинот на кој тие ја утврдуваат својата позиција.
Најновото откритие на професор Груев наиде на голем интерес кај светските медиуми, специјализираните научни списанија објавуваат детални информации за новата метода за која се смета дека претставува револуција во начинот на истражување на водните пространства на Земјата, уште повеќе што токму морињата и океаните заземаат две третини од планетата, а се најмалку истражени.
Во моментов се планира снимање документарен филм за „Дискавери“ каналот и за научната програма на „Би-Би-Си“ за неговите фундаментални откритија во технологијата и медицината.
Александар Бачиќ
Извор: МИА]]>


