Христовото слегување во адот и отворање на рајот Христос по погребението е во гробот. Неговото тело е внатре. Он е присутен во гробот и е безбедно чуван. Кога умре на крстот, Христос ја испушти Својата душа. Настапи смрт. Душата се одвои од телото, како и при секоја телесна смрт. Тоа не беше привидно, туку вистинито. Он навистина умре. Телото и душата се одвоија. Тоа го проверија и војниците и видоа, и посведочија дека е умрен. Затоа и Го симнаа од крстот и Го погребаа. Но, додека е во гробот со телото, Он со душата отиде во адот. Господ Исус Христос претрпе смрт, одвојување на душата од телото, но не претрпе распаѓање. Душата го напушти телото кога Христос умре, но смртта не можеше да го разруши телото, бидејќи го немаше во него квасот на распадливоста – гревот, затоа што Христос беше без грев – во сè еднаков со нас, освен во гревот. Вистински човек, но безгрешен, бидејќи беше и вистински Бог – Богочовек. Освен нераспадливоста на телото, затоа што Христос беше без грев, исто така и душата Негова, не можеше да ја задржи адот, затоа што беше без грев. Во адот беа сите дотогаш упокоени луѓе, а со нив и многу праведници и светии, но тие не беа безгрешни – ја имаа клетката на првородниот грев. Христос, пак, не, и затоа немаа власт над Него ни гревот ни адот. Немоќни беа и адот и гробот – и земјата и подземјето. Да, Он беше човек, но без направен грев и безгрешно роден, а истовремено беше од Бога, но и Самиот беше Бог. Ни, смртта, ни адот, ни гревот, ни ѓаволот не можеа да го држат подвластен Седржителот. Зошто слезе во адот? За проповедтта на Евангелието на земјава – меѓу живите луѓе со тело и душа, Му беа потребни на Христа три години, а за проповедта на душите упокоени во адот, беа доволни три дена. Ете колку е помоќна душата. Времето од смртта до воскресението Христос го мина во спасителна проповед кај душите на умрените. Престојот на Спасителот на Велика Сабота во адот, означува победа над адот и смртта. Обиколката со Плаштаницата околу црква трипати, освен што го претставува погребението, ја означува и Христовата обиколка низ пеколот. Тоа го претставува и Неговото проповедање на Евангелието низ целиот ад и на сите души, порано упокоени. До крстната смрт на Христа во пеколот беа затворени душите на сите порано упокоени луѓе. До тогаш, таму, ѓаволот владеел со сите и тиранисувал. Таму биле и старозаветните праведници: Авраам, Исак, Јаков, Давид. Кога Христос влегол кај нив, засветлела Божјата светлина, се појавил Седжителот и Спасителот. Тогаш ѓаволот бил обессилен и поразен. Оттаму биле изведени сите што верувале во Господа Исуса Христа како Спасител на светот и умреле како верници со таа вера. Тие се израдувале кога Го виделе и весело тргнале по Него, излегувајќи од адот, одејќи од темнината на пеколот во светлината и блаженството на царството небесно. Ова Христово слегување е преведување од пеколот во рајот на душите на сите порано упокоени праведници. Отворен е рајот. Во Саботата, од пеколот Христос отишол во рајот, заедно со разбојникот, кого го внел таму и постанал прв граѓанин на рајот. Така беше му рекол на крстот: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лука 23,43). По слегувањето на Христа во адот, оттогаш, душите на праведните христијани, по телесната смрт, веќе не одат во пеколот, туку ангелите ги носат на небото, во блажените живеалишта. Затоа ова е наречено победосносно слегување во пеколот. После тоа, влијанието на ѓаволот врз луѓето ослабело и во адот и во светот. Ние и понатаму сме искушувани од ѓаволот со разни искушенија, но ја имаме помошта од Божјата благодат и можеме да се противставиме, ако сакаме. Христовата помош е со нас. Он рекол: „Со Моето име ќе истеруваат бесови“ (Марко 16,17). А Библиската порака вели: „Противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јаков 4,7). Спомнувањето на името Христово, крстот и прекрстувањето со вера, темјанот, кандилото и иконата, како и читањето на Библијата, претставуваат силно оружје против ѓаволот од кое тој бега. Денес, по причестувањето пееме: Спомни си за нас, Господи, како што си спомна за разбојникот…“ Христовото одење во рајот означува отворање на вратите од рајот. На Велика Сабота, отворен е рајот, а поразен пеколот. Влегувањето со Плаштаницата в црква, низ отворените врати, го претставува влегувањето во рајот. Вратите се отворени за цело време додека се оди со Плаштаницата трипати околу храмот, а тоа значи дека Господ Исус Христос и додека е во обиколка на пеколот, Он е во непрестајно единство со Отецот и Светиот Дух. Во исто време, Господ Исус Христос бил и на престолот, заедно со Отецот и Светиот Дух, како Бог, со Својата Божја природа. Така вели и црковната молитва: „Во гробот телесно, а во адот со душата како Бог; во рајот, пак, со разбојникот, и на Престолот си бил со Отецот и Духот, Христе неопислив, Кој сè исполнуваш“. Он е секогаш со Отецот и Духот – неразделна и едносушна Троица. * * * На Велика Сабота ноќта – на полноќ, се објавива најрадосната вест – веста за Христовото воскресение. Тоа е најсветлата ноќ – ноќ посветла од ден. Велигденската радост е најголемата и најсветлата радост на христијаните. Таа е радост за најголемиот празник, за најголемиот Ден – Велигден – радост за Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Таа радост е света радост и не е споредлива со никоја друга радост. Таква радост нема и не може да има. Таа радост е вечна како радоста на блаженството – а блаженството е постојана радост на душата. подготви Проф. д-р Ратомир Грозданоски Извор: МИА]]>


