Македонците потрошиле 133,7 милиони евра онлајн Македонците во текот на 2018 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, може да се забележи од порастот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, кон домашни и странски онлајн трговци. Имено, во текот на 2018 година македонците потрошиле вкупно 133,7 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 23,8 милиони евра (17,8%) во однос на претходната година. Во оваа категорија, евидентно е дека поради ограничената понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн во Македонија, поголем дел од трансакциите се насочени кон странски веб страни, односно странски онлајн продавници. Конкретно, 64% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор од Македонија, додека 36% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во Македонија. Странците двојно го зголемиле бројот на трансакции направени онлајн кон македонските онлајн продавници Имателите на платежни картички издадени во странство значително го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите. Бројот на онлајн трансакции реализирани во 2018 година, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 132% во однос на 2017 година. Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на 2018 година реализирани се вкупно 120.291 трансакција од страна на иматели на платежни картички од странска банка во корист на домашен трговец, односно, изразено во вредност вкупно 5,4 милиони евра се влеале во Македонија на име онлајн купување од странство, што претставува пораст за околу 78% во однос на 2017 година. Веројатно, голем удел во овие трансакции имаат иселените лица од државата кои купуваат производи и/или користат услуги во Македонија, но во секој случај оваа ставка бележи позитивно влијание врз македонската економија. Ако ја земеме предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во Македонија (48,1 милиони евра), надополнета со вредноста на онлајн трансакциите реализирани со странски платежни картички кон онлајн трговци во Македонија (5,4 милиони евра), можеме да заклучиме дека правните лица чија дејност претставува е-трговијата, односно вршат продажба на производи и услуги во Македонија приходувале вкупно 53,5 милиони евра. Во Македонија заклучно со 31.12.2018 година активни се 871 витруелни ПОС уреди Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31.12.2018 година во Република Северна Македонија активни се 871 продажно место. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги. ]]>


