
Димковски нагласи дека годинава во сила е новиот Закон за тутун со кој се укинуваат белите картони.
-Оваа година се имплементира новиот Закон за тутун со кој се олеснети административните процедури, нема бели картони, туку производителите директно ќе склучуваат договори со откупните компании. Производителите мора да бидат регистрирани во Единствениот ргистар за земјоделски стопанства кој се води во Министерството. Веќе се комуницира со производителите преку подражните единици и преку Сојузот, така што очекуваме дека и оваа производствена сезона да биде добро организирана. Фокусот е да се произведе род, што е можно повеќе во прва класа, додаде министерот.
Дека динамиката на откупот е според планираното, потврдува Кирил Станкоски, директор на приелпскиот Тутунски комбинат.
-Во Тутунскиот комбинат откупната кампања е завршена на 31 декември, според тоа дека 80 насто количества се откупени, продолживме од вчера со откуп на оние количества кои не се преземени и нема застој во откупот. Сите пунктови се отворени и се откупува на сите ваги перманентно, рече Станкоски.
Директорот на Државниот земјоделски инспекторат Зоран Шапуриќ вели дека досега нема ниту еден приговор до второстепената комисија.
– Досега, официјално до второстепената комисија за жалби нема поднесено ниту еден приговор за текот на откупот или за одредени проблеми. Инспекторите се на теренот, досега нема жалби, а секој има право да поднесе. Онаму каде се затворени пунктови, значи дека главно се откупени договорените количества од откупната фирма, изјави Шапуриќ.
На реакцијата од тутунарите од Долненско дека половината, околу 4000 тони, од родот не се откупени, министерот Димковски рече дека тоа ќе се провери и гарантира дека се што е планирано ќе се преземе, па и вишокот во законските рамки.
– Не би можел да кажам дека околу 4000 тони во Долненско не се откупени. Тоа ќе го провериме на состанок со откупните компании како тече динамиката на откупот. Ќе се искористи законската можност, оние количества кои се над 10 проценти од договорените да бидат преземени. Се ќе се откупи во рамките на договореното. Според она што го слушам, малку производителите тактизираат да добијат подобра цена. Ќе разговараме да не остане ниту еден килограм тутун неоткупен, оној што е над договореното, рече Димкоски, кој ги посети пунктовите во прилепско маало Коњари.
Методија Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, кажа дека динамиката во Долненско е послаба, но дека сѐ ќе се откупи.
-Ние сме постојано на терен, поверениците се на вагите и го следат откупот. Ќе се надмине проблемот со количествта неоткупени во општина Долнени. Таму динамиката беше послаба. Пунктовите беа отворени, тутунот не се носеше. Имаме уште 35 дена за откуп, а досега се откупени близу 80 насто од количествата тутун, рече Стомнароски.
MИА


