Министерот Димковски, посочи дека овие проекти ќе придонесат за подобрување на условите за живот во оваа општина, за уредување и подобрување на местата за рекреација на сите жители, за подобар пристап до нивите на земјоделците и за квалитетно водоснабдување.
„Ова е еден од 200-те проекти финансирани од Програмата за рурален развој. Местото на коешто сме сега, каде што започнува изградбата на велосипедската и пешачка патека, ќе им овозможи на локалното население, но и на странските туристи достојно место за рекреација. Ваквите проекти ќе придонесат за заживување на руралните средини, развој на руралниот туризам, и токму тоа е и политиката на Владата, да создадеме подобри услови за живот во сите општини“, изјави министерот Димковски.
Директорот на Платежната агенција, Бабовски, посочи дека за сите четери проекти општина Кавадарци ќе добие финансиска помош од близу 50 милиони денари.
„Тоа се проекти кои се од витално значење за жителите на општина Кавадарци. На овој начин обезбедуваме рамномерен регионален развој во сите рурални средини, со акцент на тоа дека за сите рурални средини во Република Северна Македонија, мора да се обезбедат достоинствени услови за живот и развој на средините“, изјави директорот Бабовски.
Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, изјави дека со изградбата на велосипедската патека ќе се заокрижи еден крупен проект, којшто е важен за општина Кавадарци, а изградбата ќе заврши за три месеци.
За трите мерки од Програмата за рурален развој пристигнаа над 200 барања со подготовени капитални проекти од сите 80 општини и 8 Плански региони, за што, Владата на Република Северна Македонија обезбеди 38 милиони евра преку Програмата за рурален развој.
]]>


