ЛОКАЛНИ ХЕРОИ – Катарина Георгиевска: Нови генерации повторно ќе ги населат селата, желба за нов вид хедонизам – богатство на умот и душата во спој со природата и традицијата

Името „локални херои“ го позајмивме од словенечки проект кој ги пронаоѓа и промовира луѓето кои на различни начини со своите активности придонеле да се развие едно село, општина или цел регион. На тие луѓе потоа им помага државата и заеднички ја продолжуваат мисијата, а резултатот е поголем рурален развој.

Одлучивме овој проект да го примениме на наш терен, секако во делот на промоцијата, да ги побараме ваквите „локални херои“ и да ја мотивираме државата да им се приклучи во мисијата, но да испровоцираме и други, да создадеме нови херои.

Серијалот го отвараме со најубавата приказна за селски туризам, за желба, љубов, ентузијазам и амбиција на една жена да живее селски живот и да биде инспирација за други, а мотивација за Владата да се придружи на оваа мисија.

Катарина Георгиевска

Во малото селце Оморани (Општина Чашка), кое денес има околу 40-тина жители, во прекрасната природа на планината Јакупица, покрај реката Бабуна, сопружниците Катарина и Ванчо Георгиевски пред десетина година го започнале својот семеен бизнис со рурален туризам „Ранчо и Ванчо на Ката“.

Желбата да се биде поблиску до природата и да се живее на комплетно одржлив начин, ги мотивирала да го напуштат големиот град и да се посветат на сосема поинаков начин на живот. Во нивниот мал рај денесс доаѓаат гости од цел свет, а Катарина и Ванчо им овозможуваат да уживаат во мирот и природата, како и во вкусната храна спремена со свежи локални производи, подготвена по традиционални рецепти.

За сите предизвици на руралниот туризам, за сите нивни идеи и за сето она што го нуди „Ранчо и Ванчо на Ката“, екипата на „Агротим“, разговараше со Катарина Георгиевска, жена која веднаш плени со својата харизма.

АгротимВо последно време, а особено за време на пандемијата се повеќе се зборува за развој на руралниот туризам, но вие започнавте многу порано да го развивате овој ваш бизнис. Како дојдовте на идеја да започнете еден ваков бизнис во село?

Катарина: Јас сум од оние поретките деца, кои растеле во град (Скопје). Немав баби и дедовци, ниту пак други роднини на село. Мојата прва средба со старото македонско село беше кога имав 27 години при посета на селото Маково, Мариовско. Речиси напуштеното село, обраснатите ниви, падини, а особено специфичниот мир на безграничното постоење кој ништо не го нарушува, ги доживеав како допир со Вселената. Мислата која протекуваше низ моите ум и тело при таа посета беше: „вака се живее“, алудирајќи на волшебниот мир. Еве, 22 години подоцна, мислам дека таа мисла доведе до физичка манифестација, преку иновативна идеја за т.н. селски туризам во село Оморани, кој овозможува доволно приходи за едно фино и опуштено семејно живеење во природа.

Некои сцени што ги гледавме во филмот „Врба“ овде се апсолутно реални! Во такви околности, моето доаѓање во селото, купување на 2 стари куќи во 2008 год. и реновирање на едната со цел „туризам“ беше во најмала рака исмејувано, па ги слушнав и најнеобичните приказни во животот. Првите гости ни дојдоа во 2012 год., и ако на почетокот доаѓањето на странци во селото беше гледано како „8то светско чудо“, денес тоа е нормално секојдневие. Воведовме бањи во секоја соба, септичка јама, систем за наводнување капка-по-капка, систем за греење на топла вода од сонцето, радијатори со греење на пелети, интернет …. па лека-полека и локалните жители покажуваат интерес за некои од овие „иновации“.

Од 2015 год., веќе сме претставени на најпознатата глобална платформа Booking.com за резервации за сместување и во моментов имаме висока оценка од 9,8 со многу позитивни препораки. Од година во година, бројот на гостите постојано се зголемува, а од 2017 год. понудивме и 2 гурмански менија за вечера „се` вклучено“ кои наидоа на одлични оценки.

АгротимШто може да очекуваат гостите кога ќе дојдат на „Ранчо и Ванчо на Ката“? Каква е вашата понуда?

Катарина: Странските туристи доаѓаат од 2 причини: Во првата група се оние кои сакаат да побегнат од „организираниот живот во Европа“ и овде истражуваат, откриваат непознати искуства, учат за непознати историја, култура и традиции. Две мали деца од Швајцарија во текот на нивниот еднонеделен престој, доживеаја момент „да снема струја“ што за нив беше откритие на детството. Вториот вид на гости се т.н. нискобуџетни и доаѓаат заради сеуште ефтините цени во Македонија, па и на Балканот воопшто, и вообичаено наоѓаат атрактивни, интересни места со пријатно уредување, чиста околина и добра храна. Ние ги исполнуваме овие барања и за двете групи на посетители во Македонија.

Домашните гости се всушност помали групи од 8 лица од едно пошироко семејство или пак пријателски дружини, кои ја изнајмуваат целата куќа за минимум 2 ноќевања и уживаат во престојот: некои со мала, приватна журка, некои со одмор, летни освежителни пијалоци и однапред подготвена храна со мезелаци, во сите случаи заокружено со бескрајни лудории во базенот.

Сега знаеме дека, спојот на руралната локација, убаво уредените соби и градината, и домашно подготвената храна, е добитната комбинација за успех на нашиот бизнис.

Интервјуто во целост на АГРОТИМ.

]]>

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести