Земјоделците во поширокиот велешки регион, во кој се вклучени Општина Велес, Градско и Чашка, во есенската сеидба засеаја житни култури – јачмен на околу 4 илјади хектари, пченица на околу 900 хектари, р’ж на околу 150 хектари, тритикале на 70 хектари, и фуражни култури – сточен грашок на 30 хектари, со што предвидениот план е реализиран 100 отсто, информира за МИА Зоран Наковски, раководител на ПЕ на МЗШВ во Велес. Додаде дека последните врнежи поволно влијаат на есенските посеви кои добро напредуваат.
-Есенските посеви се во добра состојба како резултат на поволните агро-еколошки услови. Има доволно влага во почвата и поволни температури, кои поволно влијаат врз развојот на есенските посеви. Оние житни култури кои беа посеани во оптималниот рок се потполно избратени-разгранети стебленцата и добро напредуваат, а оние кои се подоцна посеани се во фаза од еден до три листа, оцени Наковски.
Тој потенцира дека штом се создадат услови земјоделците треба веднаш да почнат со првото прихранување на посевите со азотни ѓубрива. Воедно, и штом дозволат условите, земјоделците да се подготват и за пролетната сеидба.
Споредено со 2019 година, лани се зголемени површините на засеан јачмен, кои во 2019 година беа на 2.898 хектари, а незначително намалени се кај пченицата која тогаш беше застапена на 1.125 хектари. Тритикале преклани беше засеано на околу 300 хектари, а фуражните култури биле исто застапени на 30 хектари.
МИА
]]>


