Николовски на партиски состанок: СДСМ е и ќе биде прва во промените

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски се огласи на социјалните мрежи, по трите дена одмор, во кој што отсуствуваше од јавни настапи. Тој објави дека имал работен состанок со партиската Централната изборна комисија на СДСМ.

„Сè е подготвено за првите директни внатрепартиски избори коишто на 21 март, ги организира токму СДСМ. Во 80 општини ширум земјава, во секоја Општинска организација на СДСМ, в недела ќе бидат отворени гласачките места. Со почитување на сите здравствени протоколи, македонските социјалдемократи бираат Претседател“, напиша Николовски на Фејсбук, додавајќи дека време е за нови политики и нов чекор во уште поголема внатрешна демократија.

„СДСМ е и ќе биде прва во промените!“, заклучува Николовски.

Од кабинетот на Николовски денеска соопштија дека вицепремиерот користел одмор од 2020 година, во времетрање од три дена, заклучно со денешниот ден.

Информациите за наводното патување на Николовски се надоврзаа на веста дека и поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски е на одмор во Мексико, во период кога се развива аферата за набавката на софтверот за „ловење“ сообраќајни прекршоци.

]]>