Бројот на загинати во земјотресите во Венецуела се искачи на 3.889

Бројот на загинати во двата земјотреси во Венецуела порасна на 3.889 лица, покажуваат податоците што синоќа ги објави високиот функционер Хорхе Родригез, додека Панамериканската здравствена организација (ПАХО) предупредува на здравствените ризици кои се појавија по земјотресот.

Според најновите податоци, во земјотресите се повредени 16.740 лица, додека 17.907 луѓе останаа без своите домови.

Најголемите здравствени ризици по двата земјотреси вклучуваат прекини во редовната здравствена заштита, пренатрупани привремени засолништа и недостиг на пристап до чиста вода, изјави директорот на Панамериканската здравствена организација, Жарбас Барбоса.

ПАХО, во соработка со венецуелското Министерство за здравство, го следи можното избувнување на респираторни и дигестивни болести, особено во засолништата за луѓето кои останаа без своите домови, соопштија претставници на оваа организација, која е регионална канцеларија на Светската здравствена организација за Америка, за време на разговорот со новинарите.

Барбоса нагласи дека обезбедувањето пристап до вакцини е еден од приоритетите и потсети дека стапката на вакцинација во Венецуела била ниска и пред земјотресот.

Лицата сместени во повеќе од 80 привремени засолништа се особено изложени на ризик од избувнување на заразни болести. ПАХО работи со венецуелските власти на вклучување на полските болници и засолништа во системот за рано предупредување, со акцент на следење на стомачните болести, респираторните инфекции, фебрилните синдроми и болестите што можат да се спречат со вакцинација.

Здравствениот систем на Венецуела е значително ослабен по неколкугодишната економска криза, што предизвика недоволна здравствена заштита непосредно по земјотресот, изјави директорот на одделот за здравствени итни случаи на ПАХО, Сиро Угарте.

Масовното иселување на здравствените работници во последните години, како дел од поширокиот бран емиграција од земјата, дополнително ја отежна состојбата.

– Недостигот на основни здравствени услуги непосредно по земјотресот беше критичен, а здравствените установи кои не беа предвидени за згрижување трауми или итни пациенти мораа да бидат приспособени за таа намена ширум Венецуела – рече Угарте.

Првиот земјотрес во Венецуела со магнитуда од 7,2 степени се случи на 24 јуни, на околу 200 километри западно од Каракас.

По него следуваше втор земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала, на оддалеченост од 45 километри, а потоа и серија последователни потреси.

Земјотресот со јачина од 7,5 степени според Рихтер беше најсилниот во последните повеќе од 100 години, според податоците на Американскиот геолошки институт. 

МИА

Најчитани вести