Шефот на Алијанса истакна дека одлуката на Ковачевски да го посети НАТО веднаш по неговото доаѓање на премиерска функција е доказ за личната посветеност на премиерот кон Алијансата.
– Северна Македонија му се приклучи на НАТО пред речиси две години, вие се покажавте како високо вреднуван партнер, стабилноста на Западниот Балкан е од голема важност за НАТО и ги поздравуваме вашите напори за промовирање на безбедноста, стабилноста и напредокот во регионот, ова го вклучува и вашето учество во мировната мисија во Косово, изјави Столтенберг по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Премиерот од своја страна нагласи дека членството во НАТО за Северна Македонија е исполнување на стратешка цел на државата.
– Да се биде дел од НАТО значи безбедност, просперитет и сигурност на мојата земја и на македонскиот народ. Политиката на отворена врата и овозможи на Северна Македонија да ја постигне својата огромна цел и безбедносен успех за нас и за НАТО со тоа што стана 30-та земја-члленка, рече Ковачевски.
Тој додаде дека ова достигнување е доказ за нашиот слободен и сигурен избор како и гаранција за нашата национална и регионална стабилност и безбедност на Западен Балкан, нагласувајќи дека Северна Македонија е горда што е „меѓу најбрзите сојузници кои ја завршиле воената интеграција во НАТО, особено затоа што остануваме посветени на учеството во операциите и мисиите на НАТО“.
МИА
]]>


