Компаниите „Кристал 1923“ од Велес и „Биспромет Агроцентар“ од Битола, започнаа кампања за договорно производство на СОНЧОГЛЕД

Договорното производство е најдоброто решение за земјоделците и откупувачите бидејќи на тој начин ќе има решен пласман и сигурна суровина.

Овој модел на производство не е нов, но стана актуелен пред 3 години кога се интензивираше соработката меѓу земјоделците производители на сончоглед и фабриката за масло „Благој Ѓорев“, со ново име сега „Кристал 1923“.

Иако почна скромно и со недоверба, сериозноста на двете страни, земјоделците и откупувачот доведе до резултати и три пати зголемено производство на домашен индустриски сончоглед.

Годинава, ова договорно производство уште повеќе станува важно поради светската криза, најнапред од Ковид а сега и од војната во Украина, најголемиот производител на сончоглед во светот. Се покажа дека домашното производство е најсигурно и токму затоа компанијата „Кристал 1923“ во соработка со Биспромет Агроцентар од Битола, ја интезивираат соработката и настојуваат што повеќе земјоделци да насеат сончоглед.

-Ги охрабрувам земјоделците да насеат сончоглед затоа што ќе имаме голема побарувачка а со тоа и цената ќе биде висока, со што тие добро ќе заработат. Како и секоја година ќе склучуваме договори за откуп, а сите други детали важни за земјоделците ќе бидат претходно познати – изјави за Агротим, директорот на „Кристал 1923“ , Горанчо Лазов.

Во таа насока се нудат и поволности со цел да им се помогне на земјоделците.

-„Биспромет Агроцентар“ од Битола во соработка со „Кристал“ од Велес е спремен да помогне во делот на набавка на високоолеински хибриди на семе за сончоглед како и средства за заштита од плевели и болести на сончогелдот. Истите ќе бидат платени со склучен договор со фабриката Кристал при откуп на сончогледот – изјави Никола Ѓеровски, директор на „Биспромет Агроцентар“.

И двајцата директори се на став дека оваа година, следејќи ги светските берзи маслото за јадење ќе биде скапо, а исто така ќе има и недостиг на суровина поради војната во Украина па треба да се очекува добра цена на сончогледот но и на сите житни култури.

Очекуваат поддршка и од Владата во овој важен процес, да се насее и да се обезбеди поголемо домашно производство, а со тоа и сигурност за граѓаните за основните прехрамбени артикли.

000

]]>

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести